НЕМА ОДМОР, ОД ГИБРАЛТАР НА ТРЕНИНГ ВО СКОПЈЕ

Трајковски и Ристевски едногласни: Не планираме да застанеме

Македонската репрезентација попладнево на тренинг центарот „Петар Милошевски" го одржа предвидениот тренинг по враќањето од Гибралтар.

објавено: 7 септември 2018 - 19:43

Македонската  репрезентација попладнево на тренинг центарот „Петар Милошевски" го одржа предвидениот тренинг по враќањето од Гибралтар. Нашата селекција со победа од 2:0 ги започна натпреварите од Лига на Нации. В недела од 18:00 часот Македонија на Националната арена „Филип Втори" го игра првиот домашен натпревар во групата Д.

"Победивме против Гибралтар на начин на кој веројатно и посакувавме. Не се трошевме премногу, искористивме две шанси во првото полувреме, а тоа беше доволно да го оствариме зацртаното. Ерменија ќе биде потежок дуел, секако, многу посилна селекција од таа на Гибралтар, но ние сме во одлична серија и не мислиме да застанеме. Имаме време за анализа, ќе реализираме три тренинзи во деновите пред натпреварот и сите сме оптимисти дека ќе оствариме позитивен резултат. Поддршка од публиката ќе ни значи многу, се надевам дека ќе ја добиеме", изјави напаѓачот Александар Трајковски.

Кире Ристевски смета дека мора да бидат подобри против Ерманија доколку сакаат да дојдат до нов тримф.

"Одбраната против Гибралтар беше на ниво, но сепак ќе мораме да бидеме далеку посконцентрирани во дуелот со Ерменија. Сите сме позитивни, Македонија има одлична низа на резултати и доколку пристапот ни биде како на претходните натпревари, таа серија ќе трае. Ја повикувам и публиката да дојде на нашата арена и заеднички да се радуваме на победа", изјави Кире Ристевски.

Најново во Фудбал