Младата репрезентација (У21) заминува за Нови Сад

Против Србија без Аломеровиќ

Илиевски нема да смета на дефанзивецот на шпанска Селта, Сабахудин Аломеровиќ, кој има повреда на коленото и нема да биде во избор за првиот тим. На повреда се пожали и голманот Ристе Јанков.

објавено: 5 септември 2018 - 12:40

Младата репрезентација на Македонија за играчи до 21 година, денеска заминува за Нови Сад, каде в петок ќе го одигра седмиот квалификациски меч за пласман на ЕП. По пет последователни порази, новиот селектор на оваа генерација, Добринко Илиевски очекува полека да се врати самодовербата и во игрите и во резултатите на тимот.

„Ќе настапиме со доста подмладен состав, но тоа се играчи кои се стандардни членови на нашите младински селекции и имаат доста искуство. Играчите треба само да го прикажат она што го знаат. Србија е во предност, игра со ист состав, имаат победничка серија, играат на домашен терен, но во фудбалот токму таквите работи придонесуваат за свесно или потсвесно опуштање. Ние тука и ја чекаме нашата шанса да направиме добар резултат", вели селекторот Илиевски пред заминувањето за Србија.

На дуелот в петок Илиевски нема да смета на дефанзивецот на шпанска Селта, Сабахудин Аломеровиќ, кој има повреда на коленото и нема да биде во избор за првиот тим. На повреда се пожали и голманот Ристе Јанков, но за него се прават напори да биде подготвен за петочниот дуел.

Средбата со Србија е закажана в петок со почеток од 18 часот. По овој меч следната недела во вторник, нашите младинци во Скопје ја дочекуваат репрезентацијата на Ерменија.

Најново во Фудбал