КАПИТЕНОТ ГИ СПОДЕЛИ ОЧЕКУВАЊАТА ПРЕД МЕЧОТ СО ЕРМЕНИЈА

Пандев: Ова е најдобрата генерација и најдобриот селектор на Македонија!

Денеска македонската А репрезентација одржа прес-конференција по повод утрешниот четврти натпревар од УЕФА Лигата на нации против Ерменија во Ереван со почеток од 18:00 часот.

објавено: 15 октомври 2018 - 13:34

Од Ереван, Огнен Дојчиновски

Фото: Петр Стојановски

Нашите најдобри фудбалери предводени од селекторот Игор Ангеловски со сите сили атакуваат на првото место во групата 4 од Лигата „Д" и со евентуален триумф би направиле нов голем исчекор кон врвот во групата, плеј-офот и секако посакуваното на крај ЕП 2020.

Своите очекувања во пресрет на дуелот против Ерменија која ја совладавме во Скопје со 2:0 ги споделИ капитенот на националната сениорска селекција, Горан Пандев.

„Ерменија е репрезентација која располага со квалитетни играчи. Знаевме дека уште на почетокот дека ние и Ерменија ќе се бориме за тоа прво место. Киксираа против Гибралтар, но тоа не мора ништо да значи. Се надевам дека утре ќе излеземе на терен, ќе ја продолжиме серијата од три последователни победи и дека ќе триумфираме и на утрешниот меч", изјави репрезентативецот на Македонија, Горан Пандев.

Фудбалерот на Џенова вели дека е анализирана Ерменија на првиот меч каде што стоевме тактички добро на терен, знаевме со кој квалитет располага и дека заслужено на крајот триумфиравме.

„На чекор сум до тој 100. настап во националниот дрес. Горд сум на тој факт. Благодарност до сите селектори кои ми ја укажале довербата. Во последната година има добри резултати, и ова е најдобрата генерација која сме ја имале. Ова е најдобриот селектор кој некогаш сме го имале и затоа мислам дека имаме сериозна шанса да го оствариме најголемиот успех во македонската фудбалска историја", додаде Пандев.

Најново во Фудбал