КАПИТЕНОТ Е СИГУРЕН ДЕКА НА КРАЈОТ ЌЕ БИДЕМЕ ПРВИ ВО ГРУПАТА

ПАНДЕВ: Не ни беше досуден чист пенал, овој пораз дојде и во вистинско време!

Капитенот на нашата селекција вели дека шведскиот судија направи грешка во текот на првото полувреме и дека прекршок постоеше врз Барди во казнетиот простор на Ерменците.

објавено: 16 октомври 2018 - 21:06

Од Ереван, Огнен Дојчиновски

Фото, Петр Стојановски

После првиот примен гол и неверојатната грешка на голманот Столе Димитриевски (која не беше единствена на мечот), владееше несигурност во редовите што се рефлектираше на играта и тоа до максимум го користеа домаќините.

Горан Пандев крајно незадоволен од судиските одлуки, но и од друга страна свесен за лошата партија севкупно на тимот и веќе се помири со поразот, мора да се гледа напред, ништо не е готово во групата 4 од Лигата „Д" и е сигурен дека можеме да бидеме на врвот.

„Видовте и самите што се случи, таков е фудбалот. На 1:0 не ни беше досуден чист пенал и не фати нервоза. Имавме шанси, два пенали вкупно, мислам дека имаше и прекршок над Трајковски. Лоша вечер, но овој пораз дојде и во вистинско време, да се освестиме и да знаеме што не очекува понатаму и сигурен дека ќе го освоиме првото место во оваа група. После овие три победи, сигурно „летнавме во облаци", фудбалот е таков, сите знаеме каков ни е менталитетот. Добро што загубивме тука во Ереван, а не во полуфиналето“, изјави македонскиот репрезентативец Горан Пандев.

Додава уште дека сега ни следуваат два решавачки дуели против Лихтенштајн и Гибралтар на кои може да се смета на нови позитивни резултати во Лигата на нации.

Најново во Фудбал