ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА ПРЕД УТРЕШНИОТ ДУЕЛ СО ГИБРАЛТАР

Пандев: Мора да тргнеме со три бода

„Ова е можеби најдобрата генерација која ја има Македонија. Сите фудбалери се мотивирани, фаворити сме во групата, одиме на победа"

објавено: 5 септември 2018 - 12:20

Од Гибралтар

И. Д. Ивановски

Се е подготвено за стартот на Лигата на нации и првиот дуел на Македонија на гости кај Гибралтар. Пред неколку минути заврши и последниот тренинг на нашите најдобри фудбалери тука на стадионот „Викторија".
По завршувањето на истиот, на прес конференција се појавија нашиот селектор Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев.

„Гибралтар е непознат ривал за нас. Ние сме тука да победиме и да тргнеме со три бода во новото натпреварување. Оваа генерација која ја има сега Македонија можеби е и најдобрата во историјата на Македонија. Многу од фудбалерите играат во големи клубови и затоа ова е шанса која не треба да ја испуштиме", напомена нашиот капитен во пресрет на дуелот со Гибралтар.

„Условите за игра и изгледот на стадионот не треба да бидат проблем. Тоа е што е... Знаеме дека треба максимално мотивирано да влеземе на овој дуел како и на сите кои следат. Низ историјата секогаш сме имале проблеми со ваквите мали репрезентации", е ставот на Пандев.

Ангеловски најави: Нема штедење на силите

Селекторот Игор Ангеловски најави дека бил правилен потегот националниот тим да тренира три дена во Гибралтар.

„Никогаш не експериментирам со тимот. Со најсилниот состав влегуваме во овој меч со Гибралтар. Немаме проблем со повреди. Добро е што три дена сме тука. Одработивме неколку тренинзи на теренот на кој ќе се игра средбата. Подготвени сме", најави селекторот кој вели дека за него најважен е секој нареден меч и дека за Ерменија ќе се мисли по дуелот со Гибралтар.

Натпреварот Гибралтар - Македонија се игра утре од 20:45 часот а судија на натпреварот ќе биде Јенс Мае од Данска.

Најново во Фудбал