НА ПРАГОТ ОД ИСТОРИЈАТА

Пандев мора да биде нежен ако сака „стотка“ во понеделник

„Да победиме денеска за да славиме во понеделник", најави Пандев кој во Скопје сака големиот јубилеј да биде заслиен со прво место во групата. Нашиот капитен не смее да пожолти на денешниот меч против Лихтенштајн.

објавено: 16 ноември 2018 - 11:20

Од Вадуц,
Игор Д. Ивановски

Горан Пандев вечерва со „две деветки"! Точно по 99. пат ќе го носи дресот на Македонија нашиот капитен кој ќе биде нашиот главен адут за три бода на стадионот „Рајн Парк" во Вадуц. Иако на залезот од кариерата, Пандев е феноменот кој сјае во државниот тим со години и години. Од неговиот прв меч во Бурса (6.6.2001), па се до денеска. Вистински пример за лидер, величина, играчиште.

И не би било фер а да не прослави нашиот најдобар фудбалер на денешницата со голем резултат. Имено со две победи Македонија, ќе биде и прва во групата и домаќин на ½ финален дуел од Лигата на нации. Со тоа ќе бидеме на голем чекор до голем сон – пласман на ЕП 2020.

„Би ги дал сите титули, голови и рекорди само да играм со Македонија на ЕП или СП", знаеше често да напомене Пандев околу неговиот сон и неостварена желба.

Но има еден ситен детал на кој треба да се внимава. Пандев има жолт картон од дуелот со Ерменија во Ереван. Затоа денеска треба да биде „нежен" во дуелите за да се исполнат неговите вчерашни најави.

„Посакувам мојот 100-ти настап да го прославиме со успех. Да победиме вечерва во Вадуц па во понеделник во Скопје против Гибралтар да ги славиме сите заедно првото место во групата", најави Пандев тука во Вадуц во пресрет на дуелот со Лихтенштајн.

На 98 средби има постигнато 33 голови и ниту еден против Лихтенштајн во Вадуц во двата негови претходни настапи на овој терен.

„Не е важно кој ќе даде гол. Важно е да победиме, важни се трите бода за Македонија. Ние сите играме за боите на нашата земја а не за индивидуелни резултати", знае да каже капитенот кој вели дека тој и останатите играчи вечерва ќе докажат дека минатиот дуел во Ереван беше само еден лош ден.

Кога сме кај Пандев. Сите претходни голови во Лигата на нации ги постигнавме додека тој беше во игра. Од вкупно осум голови тој даде два, три постигна Алиоски, два се дело на Трајковски и еден на Тричковски.

Најново во Фудбал