ДЕНИ МАСЕВ, НОВИОТ СПОРТСКИ ДИРЕКТОР НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

ОНА ШТО Е ДОБРО ДА БИДЕ УШТЕ ПОДОБРО

„Секако дека за мене е чест, но и огромно задоволство да помогнам во работата на нашата најдобра репрезентација. Ќе дадам се од себе, заедно со сите околу мене, работите кои се добри уште повеќе да ги подобриме" - вели Масев

објавено: 22 јуни 2018 - 10:50

Кога нашиот медиум уште пред повеќе од месец дена најави дека Дени Масев ќе биде спортски директор на А репрезентацијата, во јавноста имаше неверица. Но таа неверица ја снема кога пред два - три дена на седница на УО на ФФМ, беше назначен токму Масев како наследник на Саша Ќириќ.

Не треба да се трошат зборови за Масев, за „детето" на Беласица од нејзините најславни денови, пред се тука се мисли на златната генерација на струмичкиот клуб.
Масев е некогашен фудбалер на Вардар, Работнички, Беласица, има и интернационална кариера, но има и репрезентативни настапи.
Со други зборови Масев е вистинскиот човек за оваа функција, тоа е одличен избор на ФФМ.
ИМАМ СВОЈА ВИЗИЈА...

„Па како и секој друг и јас си имам свои замисли за тоа како некои работи треба да функционираат. Секако дека работите кои се добри, а ќе се сложите дека под водство на селекторот Игор Ангеловски тие работи, посебно во последната година, се навистина добри, сите заедно да работиме на тоа тие да бидат уште подобри. Според мене најважна е атмосферата, а гледам дека таа е одлична. Се знае кој што треба да работи, така ќе биде и натаму" вели Масев.

ПАНДЕВ НЕКА СЕ ПРОСТИ СО ЕП

Масев своето „ деби" како спортски директор на репрезентацијата ќе го има на првиот меч од настапите во Лигата на Нации, и тоа на Гибралтар во септември.
„Знам дека очекувањата на јавноста во однос на Лигата на Нации се големи, но исто така знам дека сите ние кои сме во мак - фудбалот треба да работиме оваа шанса да се искористи. Барам поддршка од вас новинарите, од јавноста, од ФФМ и се разбира од сите кои сме во репрезентацијата. Само така можеме да дојдеме до целта. Па има ли поубава работа од тоа Горан Пандев некаде во јуни - јули следната година да се прости од фудбалот со настап на Македонија на ЕП? Ќе се сложите дека нема".

Благодарност до Ангеловски и Пандев

„Морам да упатам посебна благодарност, и тоа јавна, до Горан Пандев и Игор Ангеловски. Јас дојдов на оваа функција на нивни личен предлог. И двајцата сметаа дека јас сум вистинскиот човек за тоа место. Ќе видиме дали ќе ја оправдам и нивната доверба".

Најново во Фудбал