МАКЕДОНИЈА ГО ИГРА СВОЈОТ ПРВ МЕЧ ДОМА ВО ЛИГАТА НА НАЦИИ

ОДИМЕ „РИСОВИ“: Преку Ерменија до голем исчекор кон ЕУРО 2020!

Денеска од 18:00 часот на Националната Арена „Филип Втори" - Скопје, нашата најдобра репрезентација, после триумфот на гости кај Гибралтар (0:2), ќе ја пречека селекцијата на Ерменија во рамките од групата 4 (Лига „Д").

објавено: 9 септември 2018 - 14:10

Добро познат ривал со кој во минатото сме се среќавале многупати, шест поточно и имаме израмнет скор. Повеќе за тоа прочитајте ТУКА

Македонија долго време, речиси 24 години чека нешто големо, а тоа големо е пласман на едно ЕП или СП. Со оглед на околностите ова ново УЕФА натпреварување, овие мечеви во Лигата на нации е таа наша златна шанса која треба да се искористи. Шанса на оваа генерација, веројатно и за многу други по неа.

Општо е мислењето дека имаме добар тим, добар стручен штаб кои ќе знаат сето тоа да го искористат. Нам ни останува да навиваме за Македонија и да се надеваме на успех. А се знае, прво треба да бидеме први во групата, за да потоа со победниците од останатите групи во сегментот Д победиме во полуфиналето и финалето.

СО ПАНДЕВ СЕ Е МОЖНО...

Ерменија е селекција која може да ни замрси сметките. Мхитарјан, ѕвездата на Арсенал, потоа добро познатите во нашата јавност, особено вардаровата, Хамбарџумјан и Барсегјан, се само дел од она што го имаат гостите на располагање.

Од друга страна, го имаме најискусниот Горан Пандев, капитенот кој преку Лигата на нации, ќе се обиде конечно еден ден со Македонија да настапи на големо натпреварување. Од него се очекува да ги поведе своите репрезентативни колеги во една беспоштедна битка до последната капка пот. Не се сомневаме дека така и ќе биде, кога Пандев е во прашање.

ЕЛМАС, БАРДИ, НИКОЛОВ, МУСЛИУ...

Оваа селекција конечно добива своја физиономија, но и победничка филозофија. Поголем дел од оваа репрезентација ја сочинуваа млади и талентирани момци, кои воедно имаат и едно големо европско искуство. Како на пример Елмас, Барди, Николов, Велковски, Муслиу, Бејтулаи и другите кои настапија за ЕП за селекции до 21. година во Полска.

Тоа е таа златна селекција на Македонија која го оствари најголемиот фудбалски успех, време е да покажат што знаат и меѓу сениорите. Моментно кај селекторот Ангеловски недостасува повредениот Аријан Адеми, но дефинитивно после опоравувањето ќе биде фит кога најмногу ќе треба. И останатите чекаат да го дадат својот максимум, така и треба кога станува збор за репрезентацијата на својата земја.

ЕРМЕНИЈА, ЛИХТЕНШТАЈН, ГИБРАЛТАР...

Успешно започнавме против Гибралтар, продолжуваме вечерва против Ерменија, очекувањата на домашната фудбалска јавност се големи. Не се бега од фаворитската улога, треба да ја прифатат како нешто нормално и да одиграат за себе, за сите нас и секако за Македонија најдобро што можат.

УЕФА Лига на нации

Група 4 (Лига „Д")

18:00 часот Македонија-Ерменија
20:45 часот Лихтенштајн-Гибралтар

Табела:

1.Македонија (2:0) 3 бодови
2.Ерменија (2:1) 3
3.Лихтенштајн (1:2) 0
4.Гибралтар (0:2) 0

Најново во Фудбал