ТРАНСФЕРОТ ВО САУДИСКА АРАБИЈА ГИ МЕНУВА ПЛАНОВИТЕ

Мрме го губи Хасани во репрезентацијата!?

Ферхан Буба Хасани во следната година ќе игра за АЛ Раед, ќе игра во шампионатот на Саудиска Арабија. Дали тоа значи дека селекторот Игор Ангеловски, но и репрезентацијата на Македонија, ќе остане без услугите на еден од нашите најдобри фудбалери

објавено: 20 август 2018 - 11:45

Како „бомба" одекна веста, и тоа ексклузивно на „Спортмедиа", дека Ферхан Буба Хасани потпиша за АЛ Раед и дека во следната година дена ќе игра во првенството на Саудиска Арабија. Секако се очекуваше од екс капитенот на Шкендија, од најдобриот играч во минатата сезона, играчот кој и ја донесе на Шкендија двојната круна, да потпише за некој поголем клуб, но сепак петро-доларите беа пресудни.

Затоа се прашуваме дали со овој трансфер на Ферхан Буба Хасани, селекторот на нашата најдобра репрезентација Игор Ангеловски и воопшто Македонија го загуби Буба за претстојните квалификации во Лигата на Нации.

Ова го велиме од проста причина што знаеме со каков квалитет е првенството во Саудиска Арабија и прашање е во каква форма ќе биде Буба играјќи за АЛ Раед.

Без него со Гибралтар и Ерменија

Ако нешто се знае, барем засега, тоа е дека Хасани нема да биде повикан од страна на селекторот Ангеловски за претстојните настапи со Гибралтар и Ерменија во Лигата на Нации. И тоа не поради фактот дека тој заминува во Саудиска Арабија, туку поради тоа што Хасани откако заврши минатата сезона е далеку од тренажен процес, оној вистински и оној максимално професионален. Имено тој цело лето немаше клуб, не тренираше и што е најважно немаше настапи. А мечевите со Гибралтар и Ерменија се за две недели. Реално Буба Хасани, кој и тоа како добро ќе му дојдеше на селекторот на овие два меча, не е во форма, и затоа нема да биде повикан. Познат е принципот на работа на Игор Ангеловски - Мрме, и тој веројатно истиот нема да го менува во овој случај. Посебно ако се знае дека на тоа место, како преден играч за врска, или за играч веднаш зад шпицовите сега го има еден Елјиф Елмас, но и Енис Барди. Додека во задниот дел од средниот ред тука се извонредните Аријан Адеми, Бобан Николов и Стефан Спировски.

Сепак 1.200.000 долари си се 1.200.000 долари

Инаку никој, ама баш никој не смее да му замерува на Ферхан Буба Хасани. Овој фудбалер има полни 28 години и мора да мисли и на својата егзистенција. Годините си минуваат а ова беше моментот кога тој мораше да го искористи. Трансферот кој му го овозможи менаџерот Ибрахим Рамадани, и тоа со милионска сума на годишно ниво, навистина не е за одбивање. Тие 1.200.000 долари си се 1.200.000 долари. Тие пари Буба нема шанси да ги земе во Европа, уште помалку во Шкендија. И затоа парите, односно големиот трансфер од финансиски аспект, беа пресудни тој да ја одбере Саудиска Арабија а не Тетово ли некој клуб во Турција.
А Мрме ќе мора да смислува како тоа ќе мора да игра во Лигата на Нации без помошта од страна на Ферхан Буба Хасани, без еден од своите клучни репрезентативци.

Најново во Фудбал