Селекторот на Ерменија бара подобра реализација

Минасјан: Не смееме да промашуваме

Довчерашниот бек на Вардар, Хофанес Хамбарџумјан, вели дека добро ги знае силните и слабите страни на повеќе македонски репрезентативци.

објавено: 8 септември 2018 - 19:32

Во пресрет на утрешниот дуел против нашата фудбалска селекција, селекторот на ерменскиот национален тим, Вардан Минасјан, на прес-конференцијата на Националната Арена „Филип Втори" истакна дека неговите фудбалери на утрешниот дуел мора да бидат многу попродуктивни, отколку на дуелот со Лихтенштајн во четвртокот.

„Ние создадовме добри шанси на натпреварот со Лихтенштајн, но во повеќето од нив не можевме да погодиме. Сега треба да бидеме попродуктивни со Македонија. Несомнено, сакаме да постигнеме позитивни резултати. Македонија игра дома и затоа е фаворит", рече Минасјан.

Довчерашниот бек на Вардар, Хофанес Хамбарџумјан, вели дека неговата селекција мора да се потруди повеќе отколку на првиот настап со Лихтенштајн.

„Треба да се потрудиме на утрешниот меч. Мислам дека се очекува дуел на два силни тима. Ние веруваме во нашите квалитети. Бев во Македонија многу години и ги знам силните и слабите страни на неколку македонски играчи", истакна Хамбарџумјан.

Најново во Меѓународен Фудбал