Пријателски меч во мај

Македонија против Камерун ќе ја глуми Хрватска

Националниот тим го очекува тежок тест против една од најдобрите африкански селекции пред почетокот на квалификациите за ЕП

објавено: 6 март 2014 - 14:37

Македонската фудбалска репрезентација договори пријателски натпревар против Камерун на 26 мај во Австрија, како дел од подготовките на оваа африканска селекција за Светското првенство кое на 12 јуни почнува во Бразил, објави „ББЦ“.

Натпреварот ќе се одигра на „Куфштајн арената“ во ова мало истоимено тиролско гратче каде ќе биде сместен предмундијалскиот камп на Камерунците, кои три дена подоцна на истиот стадион играат против Парагвај. Со огледа на тоа што Камерун во Бразил ќе игра во Групата А заедно со домаќинот, како и со Мексико и Хрватска, очигледно дуелот со нашата селекција ќе треба да биде генерална проба за мечот против „коцкестите“, на кои колку-толку наликуваме поради балканскиот стил на игра.

За тимот на Бошко Ѓуровски, пак, ова ќе биде одличен тест пред почетокот на квалификациите за Европското првенство во Франција во 2016 година, кои ги почнуваме на 8 септември на гости против актуелниот европски и светски шампион Шпанија.

Досега против Камерун сме одиграле само еден натпревар и тоа на 9 февруари 2011 година во Скопје, кој заврши со пораз од 0-1.

Најново во Фудбал