Две лица на „рисовите“

Каква-таква, деби победа за Ѓуровски

По доброто прво и слабото второ полувреме едвај извлековме пријателски триумф против слабата Летонија

објавено: 6 март 2014 - 12:13

Нов селектор, стари проблеми. Фудбалската репрезентација на Македонија забележа неуверлива победа со 2-1 над Летонија на дебито на новиот селектор Бошко Ѓуровски, пред едвај 3.000 гледачи на арената „Филип Втори“.

Македонија се чинеше дека ќе го прегази прилично невештиот противник, кој како да беше по мерка за подигање на моралот по катастрофалните квалификации за Светското првенство во Бразил, и својата доминација во првото полувреме ја круниса со голот на Јован Костовски во 30. минута. Новите идеи на Ѓуровски во тие моменти речиси совршено беа спроведувани од неговите избраници на теренот, па воопшто не се забележуваше отсуството на лидерите Горан Пандев и Николче Новески, кои решија да се пензионираат од националниот тим.

Но, целиот позитивиен впечаток беше расипан за само неколку минути во второто полувреме, а врв на збунетоста беше можеби најсмешниот автогол во историјата на македонската репрезентација. Иако без никаков притисок од летонските напаѓачи, десниот бек Даниел Георгиевски несмасно реагираше на една нафрлена топка, па наместо да расчисти, го лобуваше голамнот Томе Пачовски, кој пак уште посмешно се лизна одибувајќи се да ја спаси својата мрежа. Летонците речиси веднаш можеа и целосно да го свртат реазултатот, но нивната неспособност беше видлива при промашувањето во следната минута.

Георгиевски се извади за гршката со изнуден пенал, малку сомнителен, но доволен за Агим Ибраими со својот седми репрезентативен гол да го обели образот на репрезентацијата. Колку што првото полувреме беше доминантно, толку второто го одигравме катастрофално лошо, па селекторот можеше на дело да се увери во двете лица на нашиот национален тим. Недостатоците од минатото се повторуваат, како оние индивидуалните, технички, така и недоволната физичка подготвеност која ни дозволува да играме фудбал едвај 60 минути.

Останува Ѓуровски до почетокот на септемвриските квалификации за Европското првенство во Франција во 2016 година, да најде начин репрезентативците да се однесуваат на теренот како да знаат дека фудбалот се игра две полувремиња.

Најново во Фудбал