ТРИУМФ КАКО ЗАГРЕВАЊЕ ЗА ЕРМЕНИЈА

Брз рафал за лесен триумф на Гибралтар (ВИДЕО)

Иван Тричковски имаше одличен натпревар. Со гол и асистенција нашиот голгетер го проби бункерот на аматерскиот ривал кој не беше дораснат за сензација.

објавено: 6 септември 2018 - 22:39

Од Гибралтар
И. Д. Ивановски

Целта е остварена, старт со победа и лесен тренинг меч за нашите најдобри фудбалери на стартот од новото натпреварување на УЕФА, Лигата на нации. Аматерите од Гибралтар иако за првпат играа пред својата публика немаа сила, а ниту и знаење да приредат сензација. Нашиот национален тим имаше добар тренинг во пресрет на дербито со Ерманија кое се игра во недела во Скопје. Воедно со овој триумф продолжува и добрата серија на нашите најдобри фудбалери кои не знаат за пораз од јуни 2017 година.

Тричковски тресе па асистира за Алиоски

Во периoдот од 19 до 35 минута избраниците на селекторот Игор Ангеловски ги заверија стартните три бода во новиот циклус на натпреварување кое е нашата добра шанса за пласман на ЕП. Иван Тричковски беше човекот на одлука кој во пресудните моменти го разби бункерот на фанатичните домашни фудбалери кои живееја со некаков филм кој им заврши уште по првиот дел. Се играше 19 минута кога Пандев ја почна перфектната акција, Трајковски ја продолжи до Ристовски, а овој проби по десната страна, нафрла со Тричко кој ефектно од десетина метри ја тресе мрежата на Гибралтар. Се отвори играта, се редеа нашите шанси. Имавме апсолутна доминација и многу брзо 2:0. Нафрлена топка пред голот на противникот таму Тричко ја спушта топката до Алиоски кој упати проектил со кој ја „искина" мрежата на голманот Голдвин.
Во првиот дел и одличниот удар на Спировски во 17 и 43 минута од првиот дел.

Пандев на одмор, „нема" пенал врз Нестор

Откако ја осигуравме победата со водството од 2:0, (Гибралтар да игра уште десет дена нема да ни даде гол), очекуван беше потегот на капитенот Горан Пандев. Побара замена и беше сменет на полувремето од Илија Несторовски. Шпициот на Палермо не влезе во идеална шанса за гол, но затоа пак врз него во 58 минута не беше досуден чист прекршок за најстрога казна. Македонија вторите 45 минути ги одигра рутински, без многу да се троши и за мисли веќе на следниот ривал. Бројот на шанси, корнери и удари на гол ретко кога бил толку убедлив и на страна на нашите фудбалери. Аматерите од Гибралтар далеку се од потребното ниво.

А СЕГА ДА СЕ ПОБЕДИ ЕРМЕНИЈА

Уште пред да почне Лигата на нации беше јасно дека нашиот национален тим е голем фаворит во групата. Стартот е очекуван, Гибралтар е победен. Она што е добро е тоа дека победата е осигурана на лесен начин без да се трошат силите кои ни требаат за во недела. Во Скопје доаѓа Ерменија и тоа е мечот на кој мора да се победи.
Овој дуел со Гибралтар ќе остане во паметење за Егзон Бејтулаи кој го имаше официјалното деби за Македонија.

ГИБРАЛТАР – МАКЕДОНИЈА 0:2 (0:2)
Стадино: „Викторија", во Гибралтар. Гледачи: 1.500
Стрелци: Тричковски 19', Алиоски 35'
Играч на натпреварот: Иван Тричковски

Гибралтар: Голдвин, Џ. Чиполина, Сергеант, Л. Кашчиаро (90+3' Гарсија), Бардон, Вокер, Понс (75' Гаро), Оливеро, Барнет, Хернандез, Де Бар (80' Стичи).
Македонија: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Ристовски, Алиоски, Николов, Спировски, Трајковски (68' Елмас), Барди (84' Бејтулаи), Тричковски, Пандев (46' Несторовски).

ЛИГА НА НАЦИИ – ГРУПА „Д"
Гибралтар – Македонија 0:2
Ерменија - Лихтенштајн 2:1

ТАБЕЛА:
1. Македонија 1 1 0 0 2:0 3
2. Ерменија 1 1 0 0 2:1 3
3. Лихтенштајн 1 0 0 1 1:2 0
4. Гибралтар 1 0 0 1 0:2 0

Идно коло – 09.09.2018
Скопје: Македонија – Ерменија
Вадуц: Лихтенштајн - Гибралтар

Најново во Фудбал