ЕРМЕНЕЦОТ ОД ВАРДАР ВО ИЗЈАВА ЗА „СПОРТ"

БАРСЕГЈАН: Со победа над Македонија ќе заборавиме на поразот од Гибралтар

„Поразот од Гибралтар не мора ништо да значи. Може да биде само поголем мотив да покажеме дека тоа беше само еден лош ден за нас", вели Барсегјан.

објавено: 15 октомври 2018 - 13:55

Од Ереван

Огнен Дојчиновски

Ако некој од ерменските репрезентативци добро ја познава селекцијата на Македонија, тоа е Тигран Барсегјан. Фудбалерот на Вардар со добар дел од играчите има играно заедно, а со некои се сретнал и играл против. Барсегјан смета дека поразот од Гибралтар не мора да значи ништо, затоа што со Македонија ќе биде поинаков натпревар.

„Нема врска што ние бевме поразени од Гибралтар. Точно дека беше болен пораз за нас, дека тешко ќе го заборавиме, а ќе го заборавиме подобро само ако ја победиме Македонија. Тоа ќе ни даде уште поголем мотив да покажеме дека вредиме и дека немаме намера да се откажеме од првото место, се додека постои и најмала шанса.

Ова за нас е последна шанса да фатиме приклучок кон првото место, иако Македонија избега со многу бодови. Очекувам дека ќе биде еден добар натпревар за нас, и дека ќе победиме пред нашите навивачи. Добро ги познавам фудбалерите на Македонија, заедно и против дел од нив имам играно. Македонија е добра репрезентација во одлична серија. Меѓутоа сметам дека и ние имаме квалитет за победа. Да покажеме дека тоа со Гибралтар беше само еден лош ден" - ни рече Барсегјан.

Најново во Фудбал