СЕЛЕКТОРОТ НА МАКЕДОНИЈА ПО ТРИУМФОТ НАД ГИБРАЛТАР

Ангеловски: Важни се трите бода, на ред е Ерменија

„Пред нас во недела е многу важен меч со Ерменија. Тука во Гибралтар го одигравме она по што дојдовме", најави селекторот.

објавено: 6 септември 2018 - 22:59

Победивме во Гибралтар и не се потрошивме. Мисијата е исполнета, силите се сочувани за дербито во групата и пресудниот меч со Ерменија во недела во Скопје. Селекторот Игор Ангеловски по дуелот со Гибралтар најави:

„Нашата цел беше да дадеме што е можно побрзо два гола. Да ја осигураме победата и да пристапиме кон мирен меч, без притисок и без трошење на силите. Успеавме во целта, отворивме со победа. Ваквите селекции знаат да бидат незгодни, но ние вечерва бевме на потребното ниво", нагласи Игор Ангеловски кој веднаш по мечот почна да мисли на неделниот дуел во Скопје.

Нашиот стратег апелира до нашите навивачи да дојдат на стадион и да ја дадат поддршката за важниот дуел од оваа група. Уште вечерва Ангеловски најави дека ќе го гледа дуелот Ерменија – Лихтенштајн.

„Знам дека домашните победија со 2:1. Она што е најважно е тоа дека сме подготвени и со многу енергија за дуелот кој следи", е ставот на селекторот по дуелот со Гибралтар и пред важната пресметка со Ерменија.

Најново во Фудбал