СЕЛЕКТОРОТ ВЕЛИ ДЕКА ПСИХОЛОШКИ МОРА ДА СЕ ВРАTИМЕ

АНГЕЛОВСКИ: Секој може да има лош ден, па дури и судијата!!!

Македонската фудбалска репрезентација го претпре првиот пораз во Лига на Нации откако загуби со 4:0 на гостувањето кај Ерменија во еден натпревар на кој имавме чудно судење во наша штета.

објавено: 16 октомври 2018 - 20:38

Од Ереван, Огнен Дојчиновски

Фото, Петр Стојановски

Во 12. минута Димитриевски не беше најдобро сконцентриран после ударот на Пизели, а топката му се лизна од раце и заврши зад гол линијата за водство од 1:0 на домашните.

Одговоривме со некои напади од кои најветувачка беше акцијата на Барди и Пандев, а откако капитенот убаво асистираше Барди беше грубо фаулиран од позади грб во ситуација еден на еден со противничкиот голман, но шведскиот судија не досуди изненадувачки ништо.

Лошо почнавме една нова акција после еден гол аут подарувајќи им ја топката на противниците, а Мовсисјан пласираше за 2:0. Потоа, Газарјан биеше од слободен удар во 81-та минута а Димитиревски не успеа да ја скроти топката и веќе резултатот гласеше 3:0. Во последните секунди од мечот домашните погодија за 4:0 преку Мхитарјан од слободен удар.

„Судењето не го коментирам, тоа никогаш не го правам. Вечерва сите грешевме, почнувајќи од мене, играчите и тој што спомнавте вие во прашањето (судијата). Уште пред мечот кажав дека мора да бидеме на највисоко ниво, а тоа вечерва не го сторивме. Имаме уште мечеви за играње, ќе мора психолошки да се вратиме од сево ова. Јас ги бирам играчите, прв сум тој што погреши, нема потреба да обвинуваме било кого, секој може да има лош ден, па дури и судијата", изјави македонскиот селектор, Игор Ангеловски.

Ова беше прв пораз на нашата решрезентација во Лига на Нации каде остануваме лидери на групата и во последните два натпревари од Лигата „Д" ќе играме со Лихтенштајн на гости и на домашен терен против Гибралтар.

„Не сум изненаден од ништо во таборот на Ерменија. Овој меч не го загубивме поради тактички замисли или надмудрувања, туку поради индивидуални грешки. Изненаден бев кога загуби Ерменија од Гибралтар, затоа фудбалот е толку интересен, секој секого може да победи", додаде стратегот на „црвено-жолтите".

Најново во Фудбал