СЕЛЕКТОРОТ ВОЕДНО ОБЈАСНИ ЗОШТО АДЕМИ НЕ БЕШЕ ВО СОСТАВОТ

Ангеловски: Секогаш може подобро, требаше порано да ги решиме

„Не поремети здравствениот проблем на Адеми кој имаше такихардија ноќта пред натпреварот. Имавме многу шанси и мораше да го решиме овој меч многу порано", нагласи селекторот по мечот. 

објавено: 16 ноември 2018 - 23:11

Од Вадуц,

Игор Д. Ивановски

Целта е остварена, трите бода во Вадуц се освоени. Селекторот Игор Ангеловски по мечот со свое видување за одработените 90. минути во Вадуц.

„Секогаш целта е остварена кога ќе се победи на еден натпревар. Така е и сега иако според играта секогаш може подобро и секогаш може да има корекции. Сакам да напоменам дека не поремети здравствениот проблем на Адеми. Тој имаше такихардија ноќта пред дуелот и побара да не игра. Она што можам да им го замерам на играчите е тоа дека порано не го решивме овој гол. По онаа феноменална бомба на Барди се беше полесно. Имавме панси преку Пандев, Трајковски, Велковски...", е коментарот на Ангеловски.

Во моментите кога дадовме гол за 1:0 имаше спорен момент. Домашен играч лежеше на теренот а ние добивме слободен удар, црвен картон за домашен стопер и потоа гол на Барди.

„Видов само еден убав гол на Барди, а не комична ситуација", искоментира Ангеловски на прашање од домашните новинари кои беа лути за наводен неспортски потег на Македонија.

Пандев мора да одигра 100 натпревари

„Можеби е добро што доби жолт картон капитенот за да го имаме и во следната година и следните квалификации. Ќе беше убаво во понеделник тој да беше со нас на теренот и заедно да го прославиме успехот во Лигата на нации и неговиот блескав јубилеј. Мислам дека ќе го имаме капитенот и во иднина. Да видиме со кого ќе играме во март во новите квалификации за пласман на ЕП. Сепак во понеделник имаме меч со Гибралтар кој мора да го добиеме", искоментира Ангеловски за иднината на Пандев во дресот на Македонија.

Најново во Фудбал