ПРЕС ПО ПОВОД ВТОРИОТ МЕЧ ВО УЕФА ЛИГАТА НА НАЦИИ

Ангеловски: Дуелите со Ерменија се најважни за првото место во групата!

Своите очекувања во пресрет на следниот дуел со Ерменците ги споделија селекторот Игор Ангеловски и капитенот Горан Пандев.

објавено: 8 септември 2018 - 12:27

В недела од 18:00 часот на „Филип Втори" Арената - Скопје ќе играме против селекцијата на Ерменија, нашиот најголем противник во групата 4.

Да потсетиме, на стартот во Лигата Д, нашите најдобри фудбалери триумфираа на гостувањето кај Гибралтар (0:2).

Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски:

„Пред овој прес на нашиот утрински тренинг бевме позитивно изненадени, посетени од наш поранешен репрезентативец, Влатко Грозданоски со најмладите членови од неговата фудбалска школа. Значи, утре имаме меч со Ерменија, мислам дека токму од овие две селекции ќе се дознае победникот во оваа група за понатамошен пласман. Имавме доволно време да направиме една добра анализа, спремни сме за овој нов дуел, ме радува тоа што фудбалерите се чувствуваат така, подготвени да го дадат максимумот, со самиот пристап како треба да се однесуваме. Се надеваме дека пред нашите навивачи ќе извлечеме позитивен резултат, со предност пред реваншот на нивни терен".

Фото: Петр Стојановски

Репрезентативец и капитен, Горан Пандев:

„Овој меч е најважен во групата, нашата и нивната репрезентација се најквалитетни во групата. Како и за сите дуели, така и за овој се спремаме максимално. Одиме да излеземе на теренот, без сомнение поседуваме еден добар квалитет, ако одиграме како што знаеме, ќе немаме проблеми".

Најново во Фудбал