ОЧЕКУВАЊАТА ОД ФК ШКУПИ ПРЕД УТРЕШНИОТ РЕВАНШ

Ренџерс има предност, но ќе се бориме до максимум!

Денеска составот на ФК Шкупи ја одржа прес-конференцијата по повод реванш натпреварот од 1. квалификациско коло на Лига Европа против Глазгов Ренџерс.

објавено: 16 јули 2018 - 12:24

Првите 90. минути во Шкотска, му припаднаа на тимот на Стивен Џерард кој доаѓа во Скопје со предност од 2:0.

Очекувањата во пресрет на дуелот ги сподели тренерот на ФК Шкупи, Зекирија Рамадани:

„Немавме премногу време да анализираме што и како се случуваше во Глазгов, туку повеќе работевме на одмор, на рекуперација и анализа на она што го погрешивме. Противникот има предност тука нема дилеми, но ние ќе се бориме до максимум. Ако дадеме гол во првото полувреме се е можно. Тактички одигравме одлично со Глазгов и од таа гледна точка можам да кажам дека посакувам и да се подобриме".

Голманот и капитен на ФК Шкупи, Суат Зендели смета дека тимот одигра само едно полувреме од овој двомеч.

„Сега знаеме со кого играме , претходно ги знаевме само по анализи и по име. Како спортист секој посакува успех, па така и ние на овој меч веруваме во себе. Ние доаѓаме од мала земја, но покажавме дека имаме квалитет и со гордост настапуваме за овој клуб. Ниту јас, ниту било кој друг настапува како индивидуа, туку како колектив, и така и се однесуваме на теренот. Само како тим можеме да успееме".

Возвратниот дуел помеѓу Шкупи и Ренџерс ќе се одигра во вторник на „Филип Втори" Арената со почеток од 17:55 часот.

Најново во Фудбал