КОЛКУ НАШИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ СЕ ВО ТРКАТА ЗА ВЛЕЗ ВО ГРУПИТЕ?

Словачки екипи за Македонците во плеј-офот, Тричковски втор стрелец во Лига Европа

Официјално ги дознавме сите парови во плеј-офот на Лига Европа како последна пречка на клубовите за влез во групната фаза во сезоната 2018/19.

објавено: 17 август 2018 - 08:00

Веќе е познато дека македонскиот шампион Шкендија за противник го доби Розенборг од Норвешка. Првиот меч ќе се игра на 23. август на теренот на противникот, а реваншот седум дена подоцна во Скопје (30. август) на Националната Арена „Филип Втори".

Од нашите интернационалци во реванш средбите од третото квалификациско коло на ЛЕ, Даниел Аврамовски со Олимпија Љубљана забележа две победи над финскиот ХЈК.

-АВРАМОВСКИ СО ПОГОДОК ВО ПОБЕДАТА НАД ХЈК ХЕЛСИНКИ-

Даниел Аврамовски постигна еден гол во победата (1:4) во 72. мин., ја одигра целата средба во Хелсинки. Во плеј-офот словенечката екипа ќе ги одмери силите против Спартак Трнава од Словачка.

-КИПРАНИТЕ НА ЧЕЛО СО ТРИЧКОВСКИ ГО РЕШИЈА ШТУРМ ГРАЦ-

Дефинитивно една од најдобрите партии во кариерата на Иван Тричковски, во двомечот против Австријците, од вкупно седум, постигна четири голови во дресот на кипарскиот клуб. Три во реваншот пред своите гледачи, а целиот меч за домаќините го одигра и Даниел Мојсов. Последен ривал на АЕК Ларнака на патот до групите на Лига Европа е Тренчин од Словачка.

-ТРИЧКОВСКИ ВТОР СТРЕЛЕЦ ВО ДОСЕГАШНИОТ ДЕЛ ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ НА ЛИГА ЕВРОПА-

1. АДЕЛЕКЕ АКИНЈЕМИ (ВЕНТСПИЛС) 7 ГОЛОВИ
2. АНТОНИО МАНЦЕ (ТРЕНЧИН) 6 ГОЛОВИ
-ИВАН ТРИЧКОВСКИ (АЕК ЛАРНАКА) 6 ГОЛОВИ
-МАРТИН ЕПЕЛ (КАЈРАТ) 6 ГОЛОВИ
3. ПАБЛО САРАБИА (СЕВИЉА) 5 ГОЛОВИ

Што се однесува до останатите наши играчи, елиминирани во третото квалификациско коло на Лига Европа се: Едис Малиќи (Кукс), Ристо Митревски (Хапоел Хаифа), Мирко Ивановски (Хајдук), Бесир Демири (Мариупол), Леонард Жута и Дарко Велковски (Риека). Бенјамин Демир не ни беше регистриран за настап во дресот на Спартак Суботица, но како и да е, српскиот клуб двапати беше поразен од данскиот Брондби.

-КОИ ЕКИПИ ДОСЕГА СЕ КВАЛИФИКУВАНИ ВО ГРУПНАТА ФАЗА НА ЛИГА ЕВРОПА-

Имаме досега 21 тим, треба да дознаеме уште 27, за да се комплетира бројката од 48 учесници за настапот во групната фаза на ЛЕ. Се чекаат поразените од плеј-офот на ЛШ (вкупно шест): Црвена Звезда-Салцбург, БАТЕ Борисов-ПСВ Ајндховен, Јанг Бојс-Динамо Загреб, МОЛ Види-АЕК, Бенфика-ПАОК и Ајакс-Динамо Киев.

И уште 21 тим, победници од плеј-офот на Лига Европа (осум преку „Шампионскиот Пат" и 13 преку „Лигашкиот Пат").

Плеј-оф двојки (Лига Европа)

Дефинитивно ќе имаме доста интересни парови во плеј-офот, како на пр. Олимпијакос-Барнли, Аталанта-Копенхаген, Партизан-Бешикташ, Гент-Бордо...

Најново во Фудбал