МАКЕДОНСКИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ ЕКСКЛУЗИВНО ЗА „СПОРТМЕДИА“

Руфати: Истра е одличен клуб - У19 „Златната“ генерација е иднината на Македонија!

На почетокот од овој месец Агрон Руфати беше претставен како нов фудбалер на Истра 1961 на позајмица.

објавено: 15 август 2018 - 08:00

Ова е дел од договорот според кој Алавес го направи со хрватскиот прволигаш. Според истиот, како фудбалер на шпанската екипа ќе игра за Истра.

За својот претходен клуб Локомотива Загреб (У19) играше во младинската Лига на шампионите, а претходни мина и низ младите категории на Динамо Загреб.

19-годишниот македонски одбранбен играч (централен бек), Агрон Руфати ексклузивно говореше за „Спортмедиа":

-Бевте во Локомотива, сега во Истра, колку сте задоволен од условите, тренинзите, самата аклиматизација, како те прифатија. Веруваш ли дека направи добар избор и дека може клубот да помогне во твојот развој како фудбалер и секако карактерно како човек?

„Локомотива е одличен клуб за развој на младите играчи што гледаме по бројот на фудбалери во првата лига. Истра е исто така одличен клуб, се грижи и за најмалите детали и морам да му се заблагодарам на тренерот на укажаната прилика. Мојот ангажман во и надвор од теренот е секогаш 100%, а кога сте толку посветени, аклиматизацијата е полесна. Давам сѐ од себе мојата игра да биде што подобра и поконстантна. Она што го давам во теренот е во моја контрола и фокусиран сум да дадам се од себе од ден во ден. Тоа е моја работа. Се надевам дека ќе продолжам да растам тука како играч и како човек".

-Започнавте со настапи за новиот клуб во летните подготовки, веќе започна новата сезона. Колку сте задоволни од досегашните настапи, какви се амбициите на клубот, може ли Истра до добри резултати секако со обидот да ги израдувате вашите верни навивачи, хрватската лига е многу квалитетна, кое е вашето размислување?

„Многу сум среќен со тоа како започна сезоната, бидејќи се чувствувам одлично, полн со самодоверба и одлично кондициски подготвен. Целта на клубот НК Истра 1961 како член на групата „Депортиво Алавес" е да развие млади играчи преку нивната работна програма и систем за да ги подготват за нивната крајна цел, а тоа е да се биде дел од Депортиво Алавес во шпанската Примера. Исто така, преку нивниот систем, играчите мора да научат да бидат професионалци во секој сегмент, како на теренот и надвор од него. Играчите секогаш мора да дадат се од себе, да се борат за својата позиција и да победат во секој натпревар. Да играат и доминираат, бидејќи конкуренцијата е голема, а хрватската лига е многу конкурентна и квалитетна, па затоа мислам дека пред нас е една занимлива и добра сезона. Амбициите на клубот за оваа сезона се опстанок во лигата, а во наредните пет сезони со поддршка на „Алавес", клубот има амбиции да биде меѓу првите 5 во Хрватска".

-Беше дел од таа т.н. „Златна генерација" У19 Македонија која имаше успешен настап во квалификациите за ЕУРО за елитна фаза. Секако вие тренираше и играте со тие национални соиграчи, заеднички ги споделувате добрите и лошите моменти, верувате ли дека Македонија има фудбалски капацитет, млади и талентирани кои можат да помогнат? Дали верувате и вие низ добро темпирање на натпреварувачката форма можете да биде константно У21, а зошто да не и во сениорската селекција на Македонија?

„Кога станува збор за репрезентацијата, тогаш зборуваме за посебни емоции. Секогаш ми се јавуваат посебни емоции кога ќе го облечам националниот дрес. Генерацијата У19 одлично играше и мило ми е што придонесов за овој резултат. Оваа генерација може да биде иднината на Македонија, како за У21, така и за сениорската репрезентација. Се надевам на нови настапи за У21 селекцијата, а сонувам дека еден ден ќе играм за мојата земја на едно Светско или Европско првенство. Мислам дека имаме капацитет да го сториме тоа во иднина".

Од таа „Златна генерација" У19 која блескаше на дуелите лани против Белгија, Швајцарија, Лихтенштајн, потоа и триумфот над Англија, ќе издвоиме имиња како на пр. Елмас, Чурлинов, Митревски, Руфати, Трајановски, Стоименовски, Ферукоски, Фазлагиќ, Трапановски, Стојчевски...дали навистина Македонија има голема фудбалска иднина, останува времето да покаже...

Најново во Фудбал