НАШИОТ ОФАНЗИВЕЦ СЕЗОНАВА ИГРА КАКО ПРЕПОРОДЕН

„Кралот Александар“ e најкорисен играч на Палермо

Статистички гледано во есенскиот дел од сезоната во Серија Б најкорисен играч на Палермо е Александар Трајковски

објавено: 12 јануари 2019 - 10:30

Палермо пред почетокот на сезоната се потпираше на Игор Коронадо во средниот ред што беше логично со оглед на тоа дека Бразилецот беше и најдобар фудбалер на таа позиција минатата сезона и речиси целиот товар паѓаше на неговите плеќи. А тогаш Палермо не успеа да избори промоција во најсилната италијанска лига.

Меѓутоа оваа сезона е поинаку, нашиот интернационалец Александар Трајковски ги влече конците во средниот ред, а неговата одлична форма е голем плус за Палермо.

Угледниот „Газета дело Спорт" го посочи Трајковски како човекот кој го влече Палермо кон Серија А. Зошто токму него, затоа што статистички гледано тој е најкорисниот фудбалер на сицилијанскиот клуб.

Трајковски реализира четири гола и запиша шест асистенции во првенството плус една асистенција во Купот, а тоа го реализира во 1,313 минути на теренот (17 меча, на 15 во првиот тим). Во тие натпревари што ги одигра неговиот тим деветпати победи, а само еднаш изгубил.
Како споредба неговиот конкурент во средниот ред Коронадо има два гола и седум асистенции но Бразилецот тоа го реализира во 1,528 минути.

Плус Трајковски има најмногу шутеви кон противничкиот гол со вкупно 58 удари (втор на листата во Серија Б, а само Кода од Беневенто има повеќе - 60 удари). Втор е на листата по освоени топки (26), само Мате Јајало има повеќе од него (40) што е логично затоа што Босанецот е дефанзивен играч за врска и тоа му е главната задача. Но тоа не е се, Трајковски заедно со соиграчот Хаитам Алесами, има и најмногу успешни додавања - дури 42. Зад нив се Рисполи и Салви со 33 односно 31 точно додавање.

Македонецот е и најфаулираниот фудбалер (58 фаули врз него), десет повеќе од најблискиот на оваа листа, сонародникот Илија Несторовски (48 фаули врз него). Исто така Алекс е задолжен за корнерите - тој извел 48 до сега, а кога тој не игра за ударите од аголот е задолжен Фалети (26 корнери).
Златната есен на Македонецот се рефлектираше и во националниот тим каде во шест натпревари во Лигата на нациите реализира четири гола.

Да кажеме дека другиот наш репрезентативец во Палермо, Илија Несторовски пропушти неколку натпревари сезоната, пред се поради повреди, но и понатаму е најдобар стрелец на екипата со шест погодоци, а придодаде и три асистенции.
Ако сезонава Палермо успее да се врати во Серија А тоа дефинитивно ќе биде благодарение на нашите интернационалци, пред се препородениот Трајковски.

Најново во Фудбал