ЕКСКЛУЗИВНО СВЕДОШТВО НА МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛЕР

Грнчаров со семејството спасува жива глава: Ни рекоа бегајте од Крим, ќе има војна!

Македонскиот фудбалски репрезентативец Бобан Грнчаров, кој пред еден месец потпиша за украинскиот клуб Тавриа од Симферопол не ни помисли дека ќе биде сведок на една од најнапнатите воени ситуации во поновата светска историја.

објавено: 3 март 2014 - 18:48

Грнчаров, кој требаше в среда да настапи за Македонија на мечот со Летонија и да ја носи капитенската лента, цела ноќ, околу десет часа, со специјален автобус, заедно со неговото семејство, е извлечен на побезбедно место – во градот Доњецк. Во моментов е сместен во хотел и чека да лета за Истанбул, но сето тоа е неизвесно. Ексклузивно за Sportmedia раскажува каква била евакуацијата од Крим.

Ова е невиден циркус. Вчера од клубот само ни рекоа - морате да го напуштите Крим, ќе биде многу критично, доаѓа руска војска. Мојот град Симферопол е на 30 километри од Севастопол, каде што е стационирана целата руска морнарица. Со специјален автобус кој ни го обезбеди клубот, излегувавме од градот како да сме воени бегалци. На границата има војска и не пушта никој да влезе, само може да се излезе. Ама прашање е кога ќе биде целосно затворено. Сите мои колеги со семејствата, јас, мојата сопруга и ќеркичката, цела ноќ патувавме десет часа до Доњецк. Тука е помирно, а и да се случи нешто, работата да пукне, нема да биде критично како долу на Крим. Таму може да биде ептен жестоко", вели Грнчаров, кој поради ваквиот развој на настаните, нема да може да настапи на мечот в среда во Скопје.

Не сакам да го напуштам сега моето семејство. Не е сеедно. Вчера додека бев во тренинг кампот ми се јавува сопругата да ми каже дека има пукотници пред нашата зграда во центарот на Симферопол. Сведок бев на класична воена состојба, аеродромите се затворени, војници има по улиците, кои се речиси затворени за сообраќај. Едвај дојдов до мојот стан за да го земам семејството", додава македонскиот репрезентативец.

Има најави дека до вечер, Грнчаров и неговото семејство, ќе бидат во авион за Истанбул. Дури тогаш ќе може да здивне...

Утринава имаше некои летови, нас не сместија во хотел и ни рекоа да чекаме. Ни најавија дека до вечер ќе полетаме за Истанбул. Со колегите од клубот се договоривме да се сместиме во Анталија, таму да бидеме овие неколку денови со семејствата. Мислам дека ситуацијата ќе се смири за десетина дена и дека пак ќе биде безбедно. Во Анталија можеме и да тренираме и да бидеме спремни ако првенството почне", вели Грнчаров.

Во Украина настапува уште еден македонски репрезентативец – Ванче Шиков, но тој е во помирниот дел од земјата во Луцк. Третиот македонски интернационалец, Адис Јаховиќ, со неговиот тим Ворскла Полтава се наоѓа во Анталија.

Златко Крстевски

Најново во Фудбал