ПОТВРДА ЗА „СПОРТ“, МАКЕДОНСКИОТ ГОЛМАН НЕ ОДИ НА ПОЗАЈМИЦА

Чави Гарсија инсистира на Илиев

Иако се беше подготвено Илиев да замине на позајмица и да има минутажа, сепак новиот тренер на голманите во Арсенал, Чави Гарсија инсистираше нашиот голман да не замине и да работи со него.

објавено: 17 август 2018 - 12:45

Иако сите очекувавме Дејан Илиев летово конечно да замине на таа толку најавувана позајмица од неговиот матичен клуб Арсенал и конечно да има сениорска минутажа во некој клуб, сепак, на крајот нештата не се развија во тој правец. Илиев нема да замине од „Емирати" стадионот напротив ќе продолжи да работи под будното око на новиот тренер Унаи Емери, односно на неговиот помошник Чави Гарсија.

 

САКАВ ДА ЗАМИНАМ, НО....

Конечно, самиот Илиев инсистираше да замине во друг клуб, каде што ќе има конечно сениорска минутажа, но на крајот се беше стопирано.

„Да, сакав летово да заминам некаде, тоа неколку пати го потенцирав. Едноставно сакам да бранам на највисоко можно ниво за мене во моментов. Но, тренерот Гарсија тоа не го дозволи, и реши да останам. Тоа пак од друга страна е одлука која мора да се респектира и се надевам дека се ќе биде во ред во наредниот период. Вака ќе биде до зима, до следниот преоден рок, а потоа ќе видиме“ - истакнува Илиев кој натпреварувачки минути повторно ќе собира во вториот тим на Арсенал односно во У23 шампионатот на Англија. и Гарсија.

Токму тој е причината што Илиев и во следниот период ќе биде дел од Арсенал и нема да замине никаде. Шпанскиот стратег, инаку еден од најпризнатите во Европа кога станува збор за тренерската работа за голмани инсистирал Илиев да остане и да работи под негова палка.

„Се беше договорено за позајмица и имаше три клуба кои доставија и официјална понуда, кои побараа од Арсенал да ме пушти. Сепак, на инсистирање на новиот тренер на голманите Чави Гарсија јас не заминав. Тој го имаше последниот збор и не дозволи да заминам со напомена дека токму тој ќе работи со мене во следниот период затоа што смета дека можам да напредувам уште повеќе. Според негово мислење јас можам да го достигнам уште поголемо ниво и да бидам во конкуренција дефинитивно и за настап во Премиер лигата" - вели Дејан Илиев за „Спорт".

КОНЕКЦИЈАТА НЕ Е НОВА

„Чави Гарсија како тренер ме познава уште одамна. Уште пред четири години кога имаше опција да заминам во Свонси на позајмица. Епа токму Гарсија беше тренерот кој инсистираше на мое заминување таму, во Свонси каде што тој работеше во тој момент. И тој, а и целиот стручен штаб во моментов одлично работи. Конкретно Гарсија има свој специфичен стил на работа, шпански стил, кој е исклучително ценет".

Најново во Фудбал