СТРУМИЧКИОТ „ПРОЕКТ“ ДЕБИТИРАШЕ ВО ЕЛИТАТА

Дориев: Желба ми е да играм во странство, но сега мислам само на Академија Пандев

22-годишниот дефанзивец се надева дека преку УЕФА Лигата на Нации ќе успее Македонија да се израдува на пласман на Европското првенство 2020 година

објавено: 13 јуни 2018 - 14:00

Фудбалскиот клуб на Академија Пандев ја имаше дебитантската сезона во Првата македонска фудбалска лига освојувајќи го на крајот шестото место и така ја оствари барем главната цел, обезбедување на опстанок во елитата.

Пред почетокот на сезоната еден од оние кои придонесоа и помагаа несебично во овој „проект" заедно со раководството и стручниот штаб беше еден од најдобрите македонски репрезентативци, сопственикот Горан Пандев кој посака еден стабилен прволигаш, односно еден успешен „проект" и за националната А селекција.

Клубот од Струмица постои осум години, амбициите секако се преку Првата лига да се промовираат млади и перспективни фудбалери. Еден од нив е и играчот на Академија Пандев, Љупче Дориев (22) кој ексклузивно говореше за „Спортмедиа":

„Па добро, како прво чест е да се игра за еден тим како што е Академија Пандев. Од натпреварите задоволен сум во секоја смисла, првата полусезона ја одигравме маестрално и бевме во борба за првите три места. Како дебитанти се покажавме во најдобро светло, потоа втората полусезона ни беше малку потешка затоа што немавме голем кадар на играчи. Поголемиот дел бевме млади и затоа дојдовме до ова ниво, но за нас успех и тоа што успеавме да обезбедиме опстанок. Се разбира, дека од наредната сезона ќе се обидеме што подобро да се покажеме, како прво ќе ни биде цел да опстанеме, па ако се укаже шанса се разбира ќе се обидеме да искористиме за влез во Европа".

Оваа сезона во шампионатот 22-годишниот одбранбен играч имаше вкупно 21. одигран натпревар и пет реализирани голови. Исто така, благодарение на неговите добри игри дебитираше за македонската сениорска репрезентација во квалификациите за СП 2018, односно во домашната победа во Струмица над Лихтенштајн минатата година:

„Се разбира дека ќе ми остане како посебна година, бидејќи дебитирав за најдобрата македонска репрезентација. Се надеваме и дека ќе се покажеме во најдобро светло во таа Лига на Нации и воедно се надевам дека македонскиот народ ќе го израдуваме како што е едно Европско првенство. Имаме големи шанси да го добиеме ова прво место, но секако дека не треба да ги потценуваме и противниците, бидејќи тоа е нешто најлошо во фудбалот, потценувањето. Во денешно време тешко е да се каже дека некоја екипа е аутсајдер, бидејќи сите имаат свој стил на играње и нема да ни биде лесно ниту со трите тимови, но ние ќе одиме од натпревар во натпревар и се надевам дека ќе успееме да се пласираме".

Да потсетиме, Македонија се наоѓа во последната Лига Д, во група со Гибралтар, Ерменија и Лихтенштајн. Првиот меч избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе го имаат годинава на 6. септември на гостувањето кај Гибралтар, а три дена подоцна во Скопје ќе бидат пречекани Ерменците. Претходно Дориев ги бранеше уште боите на Хоризонт Турново:

„Имам договор уште две години со Академија Пандев и се надевам дека ќе успееме да изненадиме наредната сезона, бидејќи сакам клубот да напредува и би ми било мило да успееме да избориме излез во Европа. Се разбира дека имам желба да заиграм во странство, тоа го посакува секој фудбалер. Немам некоја лига која ја преферирам, но каде и да отидам за мене ќе биде успех. Засега сум сконцентриран само на Академија Пандев".

Најново во Фудбал