Двајца нови играчи во Вардар:

Талески и Јуфо станаа „црвено-црни"

После Филип Најдовски и Дарко Мицевски, „црвено-црните" донесоа уште две нови имиња за новата сезона

објавено: 13 јуни 2018 - 18:33

Две годишен договор со Вардар потпиша бразилскиот интернационалец Виктор Нилдо Јуфо. За фудбалерот од средниот ред ова е втор предизвик во Македонија, откако беше дел од Шкендија од 2015 до 2017 година. Последен клуб му е албанскиот Фљамуртари. 25-годишниот фудбалер игра на неколку позиции од средината на теренот. Денеска успешно ги мина лекарските прегледи, и стана дел од Вардар.

„Очекувам сè најдобро во новата средина, да дадам сè од себе за тимот да бележи само успеси. Среќен сум што сум тука и се надевам дека брзо ќе се наметнам во новиот клуб. Од сегашниот играчки кадар, познавам неколку играчи од Вардар, сум играл против нив во минатото. Знам што се очекува од Вардар, тимот секогаш оди на највисокото место на табелата, се надевам дека ќе успееме да дојдеме до титулата, и до успешни настапи и резултати во Европа", рече Јуфо.

Момчето родено во Австралија кое има македонско потекло Алекс Талески, стави потпис на договорот на две години, со можност да биде продолжен на уште една. Станува збор за играч роден 17. јуни 2000 година, и игра во офанзивниот дел од средниот ред.

„Желбата да играм за Вардар е голема, сакам да се наметнам кај тренерот и да играм за овој клуб. Се надевам дека ќе имам само успеси во иднина, и дека следната сезона ќе ја завршиме како првопласирани во првенството. Исто така посакуваме да имаме успешен настап во квалификациите за Лигата на Европа. Прво ќе треба добро да се подготвиме во следниот период, и ќе сториме се следната сезона да ја вратиме шампионската титула. Јас и во пролетниот дел тренирав со екипата, одлично сум прифатен од соиграчите, и мислам дека нема да ми треба многу време за адаптација. Сега останува на мене да ја оправдам довербата и укажаната шанса да бидам дел од овој клуб", изјави Талески по потписот на договорот.

Најново во Фудбал