НА ПОВИДОК ПОДОБРУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ ВО БИТОЛСКИОТ КЛУБ

„Синпекс“, „Корзо“, Силјан Мицевски влегуваат во Пелистер?

Неофицијално дознаваме дека деновиве ФК Пелистер ќе има нови сопственици. „Цермат", како што велат нашите информации нема да биде дел од нив

објавено: 18 септември 2018 - 13:05

ФК Пелистер во следните неколку денови ќе има нови газди, нови сопственици. Пред извесно време и дефинитивно старите газди ги предадоа акциите до општинските власти, а новите во текот на следните неколку денови ќе ги преземат. Секако дека ова мора да наиде на задоволство на фановите на еден од нашите најголеми клубови, кои исто така секако дека не се задоволни од моменталната ситуација во која се наоѓа клубот.

ПОВЕЌЕ ФИРМИ, ПОГОЛЕМ БУЏЕТ

Па така, како што велат ншите неофицијални информации, неколку познати фирми од Битола ќе бидат и нови газди на фудбалскиот клуб. Се споменуваат фирмите како „Синпекс", потоа „Хотел Корзо", потоа дел од фирмите на Силјан Мицевски, инаку познат бизнисмен и еден од најбогатите во Битола кој воедно во минатото беше и градоначалник на Битола. Тој финансира во ракометниот клуб, но сега има намера да вложува и во фудбалскиот. Покрај овие фрми се споменуваат и уште некои. Секако дека ова е добра работа, што повеќе финансиери тоа значи дека и буџетот на клубот ќе биде поголем. А тоа значи и поквалитетен тим, со екстра квалитетни играчи.

ОПШТИНАТА ЌЕ ИМА ДЕЛ ОД АКЦИИТЕ, „ЦЕРМАТ" НЕ!

Секако дека дел од акциите повторно ќе бидат во сопственост на градот, односно општинските власти на Битола. Така беше и досега, да потсетиме дека досега градот „држеше" во сопственост 25% од акциите. Сега, како што велат нашите информации градот ќе има до 35 или 40% од акциите на ФК Пелистер. Инаку во текот на изминатите денови низ фудбалските кулоари, но и низ битолската чаршија се прошири веста дека „Цермат", фирмата која „газдуваше" со Пелистер" пред неколку години, повторно сакала да биде дел од клубот. Но тоа не било вистина, „Цермат" ако влезе во клубот ќе влезе само со свои реклами, но не и како дел од сопствениците на ФК Пелистер.

БИТОЛА ЗАСЛУЖУВА ГОЛЕМ ПЕЛИСТЕР

Рековме веќе, ако ова се оствари, ако овие најави се остварат тогаш Пелистер повторно ќе застане на нозе. Се разбира дека ова е желба на сите љубители на фудбалот во Битола, но и на сите во Македонија кои добро знаат дека добар Пелистер, квалитетен и прволигашки Пелистер им недостига на сите. Пелистер е бренд, еден од најголемите во земјата и тој бренд заслужува да биде меѓу најдобрите.
И секако на крај Битола како град заслужува да има, покрај силен ракометен клуб, и силен фудбалски клуб.

 

Најново во Фудбал