ШКЕНДИЈА ВЕЧЕРВА ВО ОСВЕСТРИ ПОВТОРНО ЌЕ АТАКУВА НА ТРИУМФ

Шампионот пред нов евро блесок

*„Во Велс имаме намера да одиграме уште еден добар европски натпревар, да забележиме уште една победа со која ќе ги израдуваме нашите верни фанови" - вели Изаир Емини пред вечерашниот меч закажан за 20.часот.

објавено: 17 јули 2018 - 14:00

Со тие скопски 5:0, од првиот меч против „светците", се чини дека Шкендија си направи проблем. Имено сега од нејзе домашната фудбалска јавност а посебно нејзините фанови ќе бараат во најмала рака нешто слично. Ќе бараат нова голеада, нов евро блесок на шампионот на Македонија.

А тоа не е можно, секако дека сите ние посакуваме Бесарт Ибраими овојпат да стрела пет пати во мрежата на ТНС, но треба сепак да се биде и реален и да се очекува дека Шкендија колку и да сака да оди на нова победа, ќе мора малку и да мисли на тоа што следува ова лето.

Изаир Емини на тој прв меч на Националната Арена „Филип Втори" во Скопје, ги „отвори" велшаните, па така нека биде и вечерва (20.часот), на теренот на „Парк Хол" во Освестри, на реваншот од 1. квалификациско коло во Лигата на Шампионите.

„И јас како и моите колеги сметам дека на овој меч нема да бидеме под било каков притисок или резултатски императив. Токму затоа сметам дека тоа само ќе ни ја олесни работата. Во Велс мислиме да одиграме уште еден добар натпревар, кој за Шкендија, посебно кога станува збор за Европа како да станува пракса. Сметам дека без разлика на резултатот од првиот меч треба да бидеме на своето ниво, како и секогаш без разлика против кого играме и во кое натпреварување. Само со добра партија од наша страна можеме да кажеме дека тие 5:0 на првиот меч беа вистинското лице на оваа Шкендија" - потенцира Емини.

Најново во Фудбал