Тренерска промена во скопскиот прволигаш

Секуловски ќе ги спасува „лавовите“ од испаѓање

Битолчанецот ќе биде третиот тренер на Македонија Ѓорче Петров оваа сезона

објавено: 5 март 2014 - 13:11

Македонија Ѓорче Петров вчера одлучи да ја прекине соработката со досегашниот тренер Ѓорѓи Тодоровски и на негово место да го назначи Марјан Секуловски. Раководството на клубот не беше задоволно од резултатите на клубот во подготвителниот период, а по убедливиот пораз од 3:0 на гостувањето кај Шкендија во првото пролетно коло во Првата лига, му беше врачен отказ на Тодоровски. Марјан Секуловски ќе биде третиот тренер на „лавовите“ оваа сезона, бидејќи првенството го почна Борче Христов, но си замина веднаш по првото коло и поразот од 4:0 на гости кај шампионот Вардар.

Секуловски изминатите две сезони ги мина во Мјанмар во екипата на Ајевади Јунајтед со кој минатата сезона ја освои шампионската титула. Во домашното првенство седеше на клупата на Пелистер, Силекс, 11 Октомври и Новаци.

Македонија Ѓорче Петров по 20 одиграни кола во Првата лига се наоѓа на десетата позиција на табелата со 19 освоени бодови, а сигурната зона и „бега“ седум бода, каде што се наоѓаат Еуромилк и Шкендија. Во недела ѓорчепетровци на домашен терен играат со Напредок во рамки на 21.коло во ПМФЛ, натпревар е кој е добра шанса да се прокнижат првите пролетни бодови.

Најново во Фудбал