ГОРДОСТА НА КИЧЕВО ТОНЕ...

НАШАТА ЧУДЕСНА МАКЕДОНИЈА: Слават 90-годишен јубилеј, а во соблекувалните немаат струја, се пресоблакаат на терен

Еден од најстарите клубови во Македонија, финалист на Купот во 2004 година и кандидат за учесник на евросцената сега мака мачи како да се организира за да продолжи во третолигашката конкуренција

објавено: 20 август 2018 - 16:15

Неизвесност дали воопшто ќе опстои, иако годинава прослави 90. роденден од формирањето, го тресе кичевскиот фудбалски колектив Напредок. Некогашниот прволигаш, финалист во Купот на Македонија и кандидат за настап на евросцената, сега преживува турбулентни денови за да се организра и да продолжи со настапите во третолигашката конкуренција.

ЕНТУЗИЈАЗМОТ ЈА СОБРА ЕКИПАТА НА ТРЕНИНЗИ
До пред нецела недела Напредок неможеше да се собере и да ги отпочне подготвките. Ентузијазмот му помогна на тренерот Георгиевски и дваесетина играчи да почната со подготвки за третолигашката конкуренција – Запад, иако немаат основни услови за работа на Градскиот стадион.
Со отпочнувањето на подготовките не завршија организациските проблеми за Напредок. На стадионот каде се изградени нови соблекувални, службени простории... кичевскиот синоним за фудбалот – Напредок неможе да ги користи. Во соблекувалните нема електрична енергија, па играчите се принудени за таа намена да ги користат боксовите наменети за резервните играчи покрај теренот.

„Иако пред крајот на минатата сезона се најавуваше дека Напредок ќе ги надмине финансиските проблеми и ќе почне да функционира како стабилен клуб кој ќе има амбиции сезонава да се врати најпрво во второлигашката конкуренција, а потоа и во елитното друштво, ние неможеме да почнеме со подготовки. Од зборувањата нема ништо. Дури поради немање на струја во соблекувалните импровизираме со боксовите. Се е ова ентузијазам. До кога вака неможам да кажам. Дали и кога ќе биде пуштена струја во соблекувалните можеме само да претпоставуваме и да прогнозираме. Дотогаш боксовите ќе ни бидат „кров над главата", вели Душко Симјаноски еден од најискусните играчи кои се појавуваат на тренинзите.

СЕ ЧЕКА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДА „СВЕТНАТ" СОБЛЕКУВАЛНИТЕ
Неофицијално соблекувалните на Напредок остнаа без струја поради неплатен долг во износ од околу 300.000 деанри. За надминување на овој проблем побарана е средба со градоначалникот на Кичево, Дехари. Се чека „таткото" на градот да се врати од одмор и овој проблем да биде симнат од дневен ред. Од клубот се надеваат дека општината ќе ја пореземе обврската за да го подмири долгот за да „светнат" соблекувалните. Ако не се случи тоа, тогаш е доведен во прашање настапот на Напредок како домаќин на својот терен, иако пролетва со финансиска помош од ФФМ беше направено комплетно реновирање на пропратните објекти.

Зоран Антовски

Најново во Фудбал