ВЕЧЕРВА (19), РАБОТНИЧКИ И ВАРДАР ВО НОВА ДЕРБИ ПРИКАЗНА

Најтрофејните за фудбалските гурмани

Без разлика во каква форма се, без разлика со каков квалитет располагаат во моментов, кога играат Работнички и Вардар, кои заедно „тежат" 24 пехари во првенството и Купот, секој нивни меч е супер интересен

објавено: 22 септември 2018 - 14:30

Вечерва на нашиот најголем стадион, со почеток од 19 часот во дербито на 6. коло се среќаваат Работнички и Вардар. Тоа се нашите два најтрофејни клубови, кои заедно „тежат" дури 24 пехари во првенството и Купот.

И затоа без разлика во каква форма се во моментов, без разлика со каков квалитет располагаат, секој нивни дуел е супер интересен. Се надеваме дека така ќе биде и вечерва, инаку овој вечерашниот е нивни вкупно 63 првенствен меч во самостојна Македонија.

Работнички и Вардар се при врвот на табелата, „романтичарите" се четврти а Вардар е трет. И оваа сезона амбициите се големи, и Работнички и Вардар сакаат во најлош случај повторно да играат во Европа.

СТЈЕПАНОВИЌ: НАША ЖЕЛБА СЕ ТРИ БОДА

Остоја Стјепановиќ, капитенот на Работнички, инаку екс капитен на Вардар, смета дека тоа ќе биде интересно дерби за кое пред самиот натпревар не вреди да се прогнозира.

„Овие соседски пресметки навистина се со некој посебен шарм. Сум играл и против Работнички и против Вардар, во дресовите на двете екипи и многу добро знам што зборувам. И двете екипи ги немаат тие состави од лани, но и двете екипи имаат релативно успешен старт. Победникот не се знае однапред, интересно е тоа кога едната екипа е во добра форма обично губи на овие соседски дерби натпревари. Значи секогаш овие мечеви меѓу Работнички и Вардар се интересни и крајно неизвесни. Работнички има желба да се надигрува, да покаже дека поседува квалитет во овој дерби натпревар. Сепак најважни се трите бода, а наша желба се тие да ги освоиме, иако нема да биде лесно, напротив. Сепак Вардар мора да се респектира во целост" - капитенот на „романтичарите".

БАРСЕГЈАН: ДЕРБИ ВО КОЕ СЕ Е МОЖНО

Тигран Барсегјан по онаа „битка" со тренерот Александар Васоски се врати во тимот и вечерва ќе биде ударната игла во нападот на вардарци...

„Па тоа е градско дерби во кое се е можно. Во минатото се случувало да бидеме надиграни а да победиме, и обратно. Значи на вакви натпревари не значи ништо самата игра или добрата форма. За нас како Вардар е најважно да ја продолжиме добрата серија. Освен она реми со Беласица во Струмица, се останато беше добро за Вардар. Не криеме дека одиме на нова победа и се надевам дека ќе ја оствариме. Треба да се даде максимумот за да дојдеме до нови три бода" - ни изјави Тигран Барсегјан, напаѓачот на Вардар.

Најново во Фудбал