МЕГА ДЕРБИ БР.54 - ВАРДАР - ШКЕНДИЈА

Лидерот без Барсегјан, шампионот мора...да победи

Време е за супер дерби. Вардар и Шкендија на стадионот „Борис Трајковски" ќе го одиграат својот втор натпревар сезонава, првиот во Тетово заврши без победник 2:2. 

објавено: 21 октомври 2018 - 11:20

Вардар и Шкендија, тоа ќе биде супер дерби бр:54 кога станува збор за меѓусебните дуели. Се игра на „Борис Трајковски", тоа е меч од 10. коло. Првиот натпревар сезонава, кој се одигра во август во Тетово, заврши без победник 2:2. Вардар како лидер и со +7 бодови влегува во овој натпревар, но Вардар има проблеми и веројатно ќе мора да игра без својот најдобар играч Тигран Барсегјан.

Шкендија, актуелниот шампион мора, ама баш мора по секоја цена да победи. Се разбира ако сака да се врати во „игра" во битката за титулата.


Досега, во изминатите девет кола Вардар речиси да беше перфектен а Шкендија беше далеку под своето ниво. Но кога се игра дерби, правилата, бројките, фактите и традицијата не играат никаква улога.

ФАКТИ И БРОЈКИ ВО ПРЕСРЕТ НА ДЕРБИТО
- Ова ќе биде 54 официјален натпревар меѓу Вардар - Шкендија, тука ги сметаме и дуелите во Купот

- Вардар има 23 победи, 11 средби завршиле без победник, тетовци имаат 19 триумфи. Гол разликата е 73:59 во корист на скопските „црвено - црни"

- Вардар нема победа над Шкендија цела една година или пет меча во серија

- Нашите најдобри екипи во последните неколку години за прв пат ќе играат меѓусебе на „Борис Трајковски".

Досега играле на Арената во Скопје, на Чаир, во Ѓорче, во Тетово, Куманово и Кичево.

- Бесарт Ибраими му оди со Вардар. Тој во последните 3-4 години во 14 наврати го „тресел" актуелниот лидер, од тие 14 голови дури седум биле кога бранел Филип Гачевски

- Марјан Маркоски од Охрид ќе ја дели правдата на ова големо дерби. Тој е еден од нашите најдобри и најискусни судии

- Александар Васоски, стратегот на Вардар и Ќатип Османи, тренерот на првакот досега имаат само еден дуел, оној во август кога во Тетово беше 2:2

Најново во Фудбал