„РОМАНТИЧАРИТЕ“ ПРАВАТ ЕКСТРА СИЛЕН ТИМ

И Мики Петровиќ за уште посилен Работнички!

„Се вратив во позната средина, потпишав едногодишен договор. Работнички не се одбива" вели играчот за врска кој по 2.5 години се врати во Градски парк

објавено: 16 јануари 2019 - 18:13

Веќе нема дилеми. Работнички прави екстра силен тим. Се засили со седмото ново име во овој зимски преоден рок. Имено од денеска нов „романтичар" е и Мики Петровиќ, искусниот играч за врска, инаку повремен репрезентативец. Она што го најави „Спортмедиа" како можност уште пред два месеци, денеска и се оствари. Тој се врати во Градски парк по 2.5 години. Да потсетиме дека Петровиќ играше за Работнички во периодот од 2010 до 2016 година, беше дел од онаа феноменална генерација на клубот, предводена од Игор Ангеловски – Мрме, кога во периодот 2014-2015 беше неприкосновена во мак – фудбалот и играше во плеј –офот во Лигата на Европа. Потоа играше за Осијек (Хрватска) и Сепси (Романија).

Се вратив во позната средина, Работнички за мене секогаш бил нешто посебно, Работнички не се одбива. Се договоривме со претседателот на клубот Драган Поповски на едногодишна соработка. Денеска го одработив и првиот тренинг со моите колеги. Се надевам дека ќе можам да му помогнам на Работнички во остварување на пролетните амбиции. Имаме навистина добар тим, тука е тренерот Жикица Тасевски кого необично го ценам како стратег, останува само да се воиграме и нашиот квалитет да го презентираме кога ќе треба, на натпреварите во пролетниот дел од сезоната во Првата лига" изјави за „Спортимедиа" Мики Петровиќ.

Најново во Фудбал