ОДБИЕНИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФФМ ПО ПРАВДА

Хари, Костов и Станојковиќ не се откажуваат

Незадоволни од одлуката на Комисијата за избори и верификација која му даде дозвола до крај да оди само актуелниот делегат на Собранието Сашко Тасев, сите тројца ги искористиле трите дена рок да поднесат жалби на првостепената одлука.

објавено: 20 август 2018 - 11:15

Официјално единствен кандидат за претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на Вонредното изборно Собрание закажано за 1 септеври, е Сашко Тасев од Кавадарци. Одбиените тројца кандидати за претседателската трка во ФФМ, поранешниот прв човек на мак-фудбалот Харалампие Хаџиристески и актуелните тренери Влатко Костов и Вујадин Станојковиќ, ги искористиле трите денови рок да поднесат жалби по одлуката на Комисијата за избори и верификација.
Нивните приговори пред Комисијата за жалби при ФФМ најавено е дека ќе се разгледуваат за денеска. Со тоа ќе се запазат десетте дена рок на доставување на дневниот ред до делегатите на Вонредната изборна собраниска седница.

Одбиените веруваат дека ќе бидат вклучени во трката

Комисијата за избори и верификација по дводневно заседавање изминатата недела пресече дека во трката за избор за наследник на претседателот во оставка Илчо Ѓорѓиоски, може да биде само актуелниот делегат на Собранието Тасев. Другите тројца: Хаџиристески, Костов и Станојковиќ не се членови на Собранието кое брои 98 делегати и затоа не можат да учествуваат во трката за најпрестижната фотелја.
Ова образложение за елиминираните претседателски кандидати е неприфатливо од проста причина што и првиот човек во оставка Ѓорѓиоски во 2012 година пред истекот на мадатот го смени Хаџиристески во иста постапка. Бараат предлозите и номинациите од Општинските фудбалски сојузи (ОФС) на Неготино кое застана зад Хаџиристески, на Тетово зад Костов и на Куманово зад Станојковиќ, да им бидат уважени барањата за измени на делгатската листа во Собранието и сите тројца да бидат прифатени на самата седница и да добијат делегатски мандат пред да отпочне трката по претседателски гласови.

Најново во Фудбал