ПРЕКУ ПРОЕКТОТ „ХЕТ-ТРИК 3“ НА УЕФА

ФФМ ќе гради три нови терени со вештачка трева, првиот е за Академија Пандев

На иницијатива на ФФМ, а во соработка со УЕФА и обезбедените вонредни средства од „Хет-трик" програмата, ќе се финансира во изградба на нови три терени со вештачка трева.

објавено: 25 јули 2018 - 14:35

ФФМ преку проектот „Хет-трик 3" на УЕФА, веќе финансираше целосна изградба на десет терени со вештачка трева во исто толку општини во државата.

Управниот одбор донесе одлука еден од терените со вештачка трева да биде изграден и предаден во употреба на Академија Пандев, како дел од фудбалскиот комплекс кој капитенот на репрезентацијата на Македонија, Горан Пандев го изгради во неговиот роден град, Струмица.

„Сите ние сме исклучително благодарни за посветеноста на Горан Пандев кон спортот како поле каде треба да се докажуваат младите таленти и неговиот придонес во развојот на нашиот фудбал, горди сме на нашиот капитен кој дава голем придонес за напредокот на македонскиот, но и европскиот и светскиот фудбал. Одлуката да изградиме терен со вештачка трева за потребите на Академија Пандев е еден вид признание од соработниците и институцијата која го води нашиот фудбал кон тоа што Горан и Академија Пандев инфарструктурно го изградија во Струмица. Благодарност до целокупниот Управен одбор на ФФМ кој го поддржа и верифицираше предлогот.

Инвестициите во развој на фудбалската инфраструктура се клучни за развојот на фудбалот, а ние во Фудбалската федерација на Македонија сме подготвени позитивните искуства да ги претвориме во долгорочна соработка со сите поврзани субјекти, во правец на создавање на услови за развој на фудбалот, почнувајќи од најмладите категории, па сѐ до професионалниот фудбал, изјави Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.

Одлуката за добивање вонредни средства од УЕФА „хет-трик" програмата во висина од еден милион евра претходно официјално ја соопшти и високиот претставник на УЕФА, Зоран Лаковиќ, директор на одделот на Национални асоцијации на УЕФА.

„Комитетот на УЕФА за „хет-трик" програма ги одобри овие вонредни средства затоа што сметаме дека вложувањето во инфраструктурата е неопходно и многу важно за развој на фудбалот, а предуслов за тоа се два битни принципи – реализација на претходните проекти од оваа програма и транспарентно и отчетно трошење на средствата. Ова е голема заслуга и на вашиот претседател, не само затоа што Илчо е голем профеционалец, туку затоа што секогаш се бори и се труди да обезбеди подобри услови за напредок на македонскиот фудбал. Ве повикувам и во иднина да бидете исто толку посветени и да вложувате во развој на фудбалот како што тоа го правевте во изминатиот период", стоеше во изјавата на Зоран Лаковиќ.

Најново во Фудбал