ФФМ СО УБАВ ГЕСТ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ 25 ГОДИНИ - РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Дончо и „компанија" специјални гости!

На претстојниот меч со Лихтенштајн, ФФМ ќе слави 25 години - репрезентација. Ќе бидат повикани, како специјални гости, сите кои беа во експедицијата на првиот меч со Словенија кој се одигра на 13 октомври 1993 година во Крањ

објавено: 2 октомври 2018 - 16:30

На 13 октомври, следната сабота, нашата најдобра репрезентација во рамките на 3. коло во Лигата на Нации, ќе ја дочека селекцијата на Лихтенптајн. Натпревар кој се игра на Националната Арена „Филип Втори" во Скопје со почеток од 20:45 часот.

Тој ден ќе се слави и јубилеј 25 години - репрезентација на Македонија.

25 ГОДИНИ ОД ПРВИОТ МЕЧ НА МАКЕДОНИЈА

Имено на 13 октомври 1993 година, значи пред точно 25 години, Македонија во Крањ (Словенија) го одигра својот прв официјален натпревар. Познато е дека почнавме со победа од 4:1.
По тој повод Фудбалската Федерација на Македонија има намера да приготви мала свеченост, односно потсетување на она што се случуваше пред 25 години. Секако дека тоа е убав гест на Федерацијата која покрај останатото, ќе ги повика сите членови на експедицијата која беше во Крањ пред 25 години. Таа експедиција тогаш броеше околу 40 членови, и сите тие, се разбира кои се живи, ќе бидат поканети да бидат специјални гости на квалификацискиот натпревар во Лигата на Нации меѓу Македонија и Лихтенштајн.

ДОНЧЕВСКИ ВЕЌЕ Е ВО СКОПЈЕ

Поканите се подготвени, тие ќе почнат да се испраќаат, а со дел од тогашните членови на репрезентацијата ФФМ веќе и контактираше.

Сите тие ќе се најдат во ложата на „Филип Втори" каде ќе бидат специјални гости. Се разбира дека се ова не може да мине без Андон Дончевски, тој е нашиот прв селектор кој живее во Австралија. Но популарниот Дончо и покрај годините, сепак прв се одзва на поканата и тој е тука, во Скопје, каде со нетрпение ја чека прославата по повод јубилејот.
Да потсетиме дека Дончевски во последно време во неколку наврати ја посетуваше нашата репрезентација. Секогаш кога има време знае да искаже поддршка и лично да дојде на натпревар.Така беше и пред две години кога Дончо беше во Албанија, каде во друштво на тогашниот претседател на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, го следеше натпреварот.

 

 

Најново во Фудбал