ПОЧНА ПРОЛЕТНИОТ ДЕЛ ОД ПРВАТА ЛИГА

Атракција на Илчо Наумоски, Вардар се врати на лидерското место (ВИДЕО)

Црвено-црните под водство на новиот тренер, Русинот Сергеј Андреев, со победа ја почнаа пролетната полусезона.

објавено: 1 март 2014 - 15:44

Најтрофејниот македонски клуб Вардар, актуелниот фудбалски шампион се врати на лидерското место во Првата лига по денешниот старт на пролетната етапа, откако со триумф со 1-0 црвено-црните го минаа Напредок Кичево и ги искористија киксовите на ривалите на почетокот.

Поранешниот македонски репрезентативец Илчо Наумоски со атракција му донесе победнички старт на Вардар. На самиот истек на првиот дел, откако Напредок остана со играч помалку (исклучен Велјановски во 44-та минута), постигна атрактивен гол со ножички за да ги израдува 300-та вардарови навивачи на трибините на стадионот во Кичево.

Вардар со триумфот го искористи максимално киксот на „есенскиот првак“ Хоризонт Турново кој се лизна во Штип (0-2), како и дебаклот на Пелистер кај Работнички на Националната Арена „Филип Втори“ со 0-4 со два гола на повратникот во македонскиот фудбал Баже Илијоски и по еден на Борче Маневски и Благоја Тодоровски.

Вардарци веќе идниот викенд го дочекуваат Пелистер во „дербито на Македонија“.

РЕЗУЛТАТИ, 20 КОЛО: Напредок-Вардар 0-1, Работнички-Пелистер 4-0, Брегалница-Хоризонт Турново 2-0, Металург-Ренова 1-0, Гостивар-Еуромилк Горно Лисиче 0-2. Утре од 14 часот играат Шкендија-Македонија ЃП.

ТАБЕЛА: Вардар 37 бода, Х. Турново 34, Работнички 34, Пелистер 34, Металрг 33, Ренова 27, Еуромилк ГЛ 26, Брегалница 25, Шкендија 23 (-1), Македонија ЃП 19, Напредок 13, Гостивар 11.

Најново во Фудбал