НОВ БЛЕСОК НА МАКЕДОНСКАТА ТЕНИСКА НАДЕЖ

Ивановски со титулата на турнирот во Шпанија (ФОТО)

Заврши меѓународниот тениски турнир во Понтеведра за натпреварувачи до 16 години во машка и женска конкуренција, а нашата земја има победник во двојки.

објавено: 27 октомври 2018 - 21:15

Имено, Калин Ивановски како прв носител во дубл заедно со Лука Микрут од Хрватска се закитија со трофеј, откако во големото финале со резултат 2:0 по сетови 6:3 и 7:5 славеа победа против домашните шпански тенисери Даниел Матеу (3. носител) и Карлос Жоакин Рамос Мембривес.

На патот до финалето Ивановски и Микрут најпрвин беа слободни во првото коло, па во четвртиналето триумфираа над Леонардо Лопез Еволи Санчез (Мексико) и Борис Јорданов (Швајцарија) со 6:2 и 6:1, а во полуфиналето ги елиминираа Шпанците Рамон Алонсо Касес Месегуер и Карлос Гереро Алварез (6:1, 6:2).

Кај девојчињата финале во сингл конкуренцијата играше втората носителка Александра Симева која во завршната битка загуби од првата носителка Фатма Идризовиќ (Србија) со 1:6 и 4:6.

Најново во Други спортови