ПЕТТО КОЛО ОД ДРЖАВНОТО ПРВЕНСТВО ВО БОКС

Најдобрите останаа без борби!?

Во спортската сала на ОУ Тошо Арсов, во Штип се одржа петтото коло на екипното првенство во бокс. На мерењето и на лекарски преглед, се јавија околу 60 боксери, но од нив настапија 28.

објавено: 10 септември 2018 - 20:20

Една од причините за тоа е што килограмите на боксерите не се совпаѓаа, или избегнувваа дуели со најдобрите. Така, од седум боксери на Баргала, кои се јавија на мерењето, настапија само двајца.

Немаа борби Алпај Демиров и Серген Демиров, двајцата браќа-репрезентативци.

Елес Асанов од Баргала го победи Ѓоше Ѓошев од Пинк Пантер, додека Марсел Салиовски од Куманово непријатно го изненади Един Јашар од Баргала.
Се чини, во првите две рунди домашниот боксер беше подобар, но во третата гостинскиот зададе повеќе удари.
Репрезентативецот Адријан Аземи од Шкупи го победи Сабит Сулејмани од Чаир. Меѓу сениорите, Шпенд Гафури од ШК „Но лимит" во првата рунда два пати го доведе својот противник Кујтим Арслани од „Фајтер Илери" во нокдаун и судиите мораа да ја прекинат борбата.
Боксерите на Баргала и по ова коло водат на табелата во Младинската лига, со 66 бода, пред АС и Пинк Пантер.
Тренерот и селектор на репрезентацијата, Петар Чурлиновски изјави дека не го менува списокот на кандидатите за ЕП- Елес Асанов, Алпеј Демиров и Ардијан Аземи.
Борбите ги следеше првпат како претседател на БФМ, Примослав Димовски, кој остана задоволен од организацијата, но и формата на некои боксери. Борбите ги следеше заедно со Баже Донев, потпретседател на БФМ.
Меѓу присутните го забележавме и легендата на македонсикиот бокс, Живко Дуковски, како и поранешниот државен првак на СФРЈ, Џемаил Демиров.
Инаку, на првенството се појавија неколку млади боксерски судии, меѓу нив и една девојка Фросина Манева. Судии беа Петре Неделковски, Цане Георгиевски, Стојанчо Георгиевски и Стефан Цубалевски. Делегат Душко Сачкарски.
Лекар на првенството беше д-р Горѓи Стојчев од Штип, кој за разлика од порано, немаше многу работа.
Кај кадетите победија Елес Асанов, Дамјан Талимче, Трајче Илиевски, Мерсел Салиевски и Адријан Аземи.
Во јуниорска конкуренција победи извојуваа Аслан Фејзлиу, Имет Зулали, Тиран Сали, и Менан Амедовски, додека меѓу сенорите на победите се радуваа Кујтим Аслани, Јове Петровски, Арсим Етеми, Борјан Јановски, Даниел Абаз (лекарска забрана на противникот), и Синан Џеладин.

K.Манев

Најново во Други спортови