ЗАПОЧНУВААТ МЕДИТЕРАНСКИТЕ ИГРИ 2018 ВО ТАРАГОНА

Македонците втор пат „медитеранци"

* По релативно неуспешното деби во ова спортско семејство, во Мерсин 2013 година, нашиот тим во второто претставување, овојпат во Шпанија, е помалуброен, а очекувањата ни се највисоки во боречките спортови

објавено: 22 јуни 2018 - 09:30

Македонските спортисти втор пат ќе учествуваат на Медитеранските игри кои годинава ќе се одржат во Тарагона, Шпанија, а започнуваат денеска. Сефтето го направивме во Мерсин, Турција пред пет години, а овојпат ќе настапиме со помала чета (71 спортист) од нашето деби во медитеранското спортско семејство кога настапивме со 116 спортисти.

Домашната спортска јавност најмногу очекува од претставниците во боречките спортови. Во Мерсин најуспешни бевме во борење и во бокс, а на овие Игри најголеми фаворити за медали се каратистите и теквондистите. Тука се и борачите, џудистите, боксерите.

„Имаме добро подготвен тим и очекуваме солидо претставување на овие Игри. Ако успееме во ждрепката да ги избегнеме турските борачи, ќе имаме поголеми шанси да дојдеме во позиција да се бориме за медал", изјави Љуљзим Вренези, селектор на македонската репрезентација во борење.

Адут во карате тимот ни е Емил Павлов кој неодамна стана европски првак, но со големи шанси се Берат Јакупи, Жарко Арсовски, Симона Заборска и другите членови.

Настапот на македонската репрезентација на претходните Медитерански игри во Мерсин во домашната спортска јавност во 2013 година главно беше оценет како неуспешен, поради малиот број освоени медали во однос на бројноста на тимот. Во Македонскиот олимписки комитет се надеваат на успешно претставување во Тарагона.

Македонија со претставници во 15 спортови

Македонија ќе има претставници во 15 спортови – карате, џудо, борење, бокс, теквондо, ракомет, одбојка, кошарка 3х3, стрелаштво, стреличарство, коњички спорт, атлетика, тенис, пинг-понг, веслање.

Најново во Други спортови