Државен изборен турнир во Штип

Каратистите на Макпетрол со осум медали

Вториот критериумски турнир треба да се реализира на Светската 1 Премиер карате лига во Берлин.

објавено: 3 септември 2018 - 16:00

Вчера во Штип се одржа Државниот изборен карате турнир за сениори-ки, кој имаше критериумски карактер за избор на македонската сениорска карате репрезентација, која во ноември треба да настапи на Светското првенство во Мадрид, Шпанија. Во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип учествуваа 56 натпреварувачи од вкупно 25 клуба.

На турнирот како што е вообичаено на ваквите натпреварувања во последните неколку години покрај врвните македонски судии, беа шестмина странски судии со највисока Светска лиценца предводени од претседателот на Европската судиска комисија Алоис Висбек.

Во генералниот пласман најдобар резултат постигнаа каратистите од КК Макпетрол од Скопје, кои се најдоа на првата позиција со вкупно осум освоени медали од кои 4 златни, 2 сребрени и 2 бронзени.

Во машка конкуренција во -60кг. златото го освои Ардит Марку кој во финалето беше подобар од Албион Идризи. Во -67кг. титулата му припадна на Давид Петков пред Константин Василевски. Најдобар во -75кг. беше Азиз Исмаил кој го совлада Доан Османи. Берат Јакупи стана шампион во -84кг, откако во финалето поради Шикаку Петар Спасеновски -84кг. беше дисквалификуван, а во +84кг. златото му припадна на Мартин Несторовски пред Жарко Арсовски.

Кај дамите во најлесната категорија во финалето Сара Радичевска ја совлада Драгана Манговска. Во -55кг. Јована Георгиева беше подобра од Симона Заборска. Сестрите Наташа и Моника Стефановска беа најдобри во своите категории. Во -61 Наташа беше подобра од Вероника Костовска, а во -68кг. Моника ја совлада Ангела Мојсовска. Во тешка категорија кај дамите шампион беше Николина Милорадовска.

„Турнирот поради критериумскиот дел за избор на репрезентацијата е од големо значење за каратистите и затоа тие имаат и голем психички притисок. Ние генерално можеме да бидеме задоволни од постигнатото со тоа што во нашите редови, имаме натпреварувачки потенцијал и за подобри постигнувања. Најважно за сите нас е тоа што нашите каратисти останаа во игра и за вториот критериумски турнир кој треба да се реализира на Светската 1 Премиер карате лига во Берлин, Германија од 14 до 16 септември", вели тренерот на КК Макпетрол, Бошко Заборски.

Најново во Други спортови