ГОЛЕМАТА МАКЕДОНСКА ТЕКВОНДО НАДЕЖ НАПРЕДУВА

Георгиевски: Влегов меѓу најдобрите на светот

 „Следно што ми претстои се неколку Г1 турнири кои носат бодови за пласман на ЛОИ Токио 2020", вели Дејан по освојувањето на златото на Балканијадата... „Инаку „епицентарот" е Светското првенство за сениори во Манчестер идната година и веднаш потоа Европските олимписки игри во Минск во летниот период" - објаснува шампионот

објавено: 21 септември 2018 - 21:30

Една од најголемите олимписки надежи на Македонија (можеби и најголема) за Летните олимписки игри во Токио 2020 е Дејан Георгиевски од Скопје, член на клубот Бутел. Георгиевски неодамна на Балканското првенство во Романија уште еднаш го покажа својот потенцијал, освојувајќи го златниот медал во сениорска конкуренција во својата категорија (+ 87 кг). Тоа го направи на импресиван и атрактивен начин, со три нокаути.

Поразговаравме со Георгиевски, за тоа кои се предизвиците што го очекуваат по настапот на Балканското првенство.

„На ова Балканско првенство победив три борби со три нокаути и по третпат станав балкански шампион, еднаш јуниорски и двапати сениорски", кратко опишува балканскиот шампион што се случуваше на Балканското првенство во Букурешт. Но побитно е какви му се плановите во иднина.
„Следно што ми претстои се неколку Г1 турнири кои носат бодови за пласман на ЛОИ Токио 2020. Прво тоа е турнирот во Атина на 19. октомври, потоа оној во Белград на 27. октомври. Потоа следува турнирот во Букурешт на почетокот на ноември и на средината на истиот месец ќе настапам на Европското првенство за млади сениори (У21) во Полска, натпревар кој ќе биде во рангот Г1", вели Георгиевски. Сите овие турнири се еден вид подготовка за главното.

„Инаку „епицентарот" е Светското првенство за сениори во Манчестер идната година и веднаш потоа Европските олимписки игри во Минск во летниот период. Сите овие турнири се борба за обезбедување норма за ЛОИ Токио. Веќе влегов во конкуренција на најдобрите теквондисти на светот и сега со уште повеќе труд и божја волја се надевам дека ќе ги остварам моите, но и соништата на нашата нација", вели Георгиевски.

Неговиот тренер Дарко Костовски не штеди пофалби за својот спортист, но сепак останува во рамките на реалното и објективното.

„Дејан Георгиевски е апсолутен владетел на Балканот во олимпискиот спорт теквондо. Оваа година по трет пат стана балкански шампион со три победи и три ефективни нокаути! Дејан на 18 години стана европски сениорски шампион, тој е еден од најдобрите на планетата во овој олимписки спорт! Најсериозна македонска олимписка надеж е, спортист кој веќе почна да ја пишува македонската спортска историја, допрва ова име ќе се зацврстува како едно од најголемите во македонскиот спорт" - вели Костовски.

Инаку, треба да се спомене дека златото на Георгиевски на Балканијадата во Букурешт беше дел од поширокиот успех на репрезентацијата на Македонија во теквондо која на овој собир освои дури 18 медали, во повеќе возрасни категории.
Во сениорска конкуренција злато освои и Марко Стевиќ со три победи. Тој со ова вторпат стигна до балканската титула. Златен медал освои и Коки Георгиевски со две победи. Ова се трите сениорски злата на Македонија. Во сениорска конкуренција сребро освоија Филип Додевски, Анамарија Георгиевска, Елена Трајановска и Јована Костенцовска.
Останатите медали беа во младите категории.

Најново во Други спортови