Одлични Параглајдинг Перформанси на Прилеп Опен 2018

Доминација на браќата Јованоски

Во изминатите два дена, во Крушево традиционално се одржа Меѓународен натпревар во параглајдинг – прецизно слетување "Прилеп Опен" и Државно првенство на Националната параглајдинг лига.

објавено: 18 октомври 2018 - 15:00

Локацијата Крушево, Мечкин Камен беше избрана за старт поради поволните ветрови, а на овој натпревар од Европскиот Куп учествуваа 46 пилоти од шест земји.

На натпреварот учествуваа врвни пилоти, но домашните параглајдеристи убедливо доминираа со врвни резултати!
Прво и второ место освоија Борјан Јованоски и Мартин Јованоски, засенувајќи го европскиот првак за 2018-та Матијаж Слуга од Словенија, кој го зазема третото место.

Врвни резултати, многу медали и бодрење за Борјан, Мартин и Миле Јованоски од Параглајдинг Клуб Делта од Прилеп.
Убедливо прво место зазема Борјан Јованоски од Прилеп. Овој успешен млад спортист месецов дипломираше на Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин" порача:

"Живејте ја својата ВИЗИЈА, растргнете ги препреките од вашиот поглед, создадете нови погледи, идеи и животни остварувања, правете го она што ве прави среќни, онаму каде што има препрека – вратете се, земете залет и прескокнете ја истата. Тоа треба да биде дел од суштината на нашите животи."

 

Инаку, натпреварувачите од останатите земји беа презадоволни од организацијата на натпреварите и условите за летање.
А ова е извадок од пост на Антон Свољшак, пилот од Словенија.

"Благодарен сум што организаторот толку се потруди. Неколку од нас остануваат тука. Времето е фантастично, и за тренинг и за уживање. За два дена тргаме накај Перник во Бугарија за Финалето на Европските првенства."

Врвни резултати на национално ниво постигнавме и во женска конкуренција. Златото го освои Деспина Станковска од Прилеп, второто место и припадна на Александра Уфцеска, додека на третото место се најде Теодора Величкова од Бугарија.

Александра Уфцеска е активна параглајдеристка за која овој спорт претставува дел од секојдневното живеење. Нејзината кариера особено ја одбележуваат учествата на Светско првенство во Валона 2017 година и Европско првенство во прецизно слетување во Словенија 2018 година.

Најново во Други спортови