ОСТВАРЕНА ПРВАТА ОЛИМПИСКА НОРМА ВО СПОРТСКО СТРЕЛАШТВО

Бранковски е поблиску до Токио...

Во период од 1 до 15. септември, во корејскиот град Шангвон се одржува Светското првенство за стрелаштво во сите дисциплини, каде што свој настап во дисциплината воздушен пиштол мажи 60 имаше Борјан Бранковски

објавено: 7 септември 2018 - 12:30

Оствари висок резултат од 570 кругови и пласман на 66. место од 116 учесници. Постигнатиот пласман е најдобар во спортското стрелаштво во дисциплината воздушен пиштол 60, но и воздушна пушка мажи и жени постигнат на едно Светско првенство за Македонија на кое конкуренцијата е извонредно силна.
Да биде успехот пореално прикажан говори и тоа дека, одличниот резултат кој е високо над минималната олимписка норма која изнесува 563 беше остварен со пиштол кој е стар повеќе од 15 години и кој единствено е редовно сервисиран.

Овој голем успех на Борјан Бранковски е и голем успех на Македонија, а истиот доаѓа од најдобриот Стрелачки клуб "Стрелец" - Скопје во Македонија од каде што произлегуваат многу стрелци од сите категории и дисциплини кои исполнуваат високи резултати и олимписки норми.
А посебно во дисциплината воздушен пиштол која е далеку потешка дисциплина за разлика од воздушна пушка.
Големиот успех и исполнување на првата Олимписка норма за Македонија и тоа повторно во спортско стрелаштво во олимпискиот циклус за учество на ЛОИ Токио 2020 е знак дека спортското стрелаштво е редовен учесник на олимписките игри.
Oвој успех немаше да биде остварен без поддршка на Македонската Спортска Стрелачка Федерација, Агенцијата за млади и спорт на Р.М и неговиот клубски тренер Јордан Тасевски.
На ова Светско првенство настапи и Јане Џингов кој веќе има исполнето минимална олимписка норма со резултат од 602,6 кругови која му обезбедува учество на Младински Олимписки игри 2018 со пушка исто така стара над 15 години, но за жал на овој натпревар за него работите не одеа на добро.
Пред самиот почеток на првата партија од квалификациите при полнење на боцата се скрши системот за полнење на истата. Истата му беше вратена пред самиот старт на квалификациите.
По тие неизвесни моменти и стресни ситуации, Џингов постигна резултат од 583,9 кругови кој иако е далеку под неговите можности, сепак беше повисок од минималната олимписка норма за учество на младински олимписки игри која изнесува 580 кругови.

Најново во Други спортови