СЕЛЕКТОРОТ ЈА ИМА ФОРМУЛАТА ЗА ПОБЕДА

МАТИЈАШЕВИЌ „Рамнотежата e наша шанса со Унгарија"

Првиот ривал на одбојкарите во квалификациите за ЕП 2019 игра лошо во завршниците на сетовите, па ако се држиме егал до финишот, тогаш стратегот е скоро сигурен дека ќе ги добиеме сите сетови.

објавено: 15 август 2018 - 15:30

Најдобрата машка одбојкарска репрезентација, попладнево, 17:45 часот, на гостувањето во Унгарија ги отвора квалификациите за Европското првенство 2019.

Двете селекции се слични по квалитет, повлекоа исти потези – враќање на дел од искусните одбојкари во тимот во пресрет на циклусот, имаа лош настап во Сребрената Европска лига 2018, па сега шансата за поправен ќе ја бараат во квалификациите за ЕП.

Унгарците се првата пречка која треба да се помине и да биде увертира за дуелите со Украина и Швајцарија на домашен терен следната недела.

„Унгарија со промените кои ги направи сериозно ја засили примачката линија. Врати искусни играчи, кои ќе значат многу не само за играта, туку и за стабилноста на составот. Физички се надмоќни, но имаат и слабости – лоши техничари. Едниот е многу млад и неискусен, другиот на залез на кариера, кој игра многу лошо во завршницата на сетовите. Во тој елемент на организацијата на играта имаме голема предност и тоа е квалитет кој може да натежне, но под услов нашиот прием да го скроти силниот смеч-сервис на Унгарците. Ако издржиме со приемот и можеме да одговориме на нивниот блок и истовремено да ги нападнеме со силен сервис, кој го имаме... Ако се држиме егал до 21:21 тогаш сум скоро сигурен дека ќе ги добиеме сите сетови", вели селекторот Никола Матијашевиќ и потенцира:
„ Првиот меч секако дека е важен, да се отвори со победа или бод, но тоа е само еден меч, има уште пет дуели и многу за игра. Нема потреба од притисок. Јасно е дека секој сет е важен. Ако победиме, тоа ќе ни даде крила пред Украина, доверба, но уште поважно е ако загубиме во Будимпешта тоа да не ни ги исече комплетно крилата."

Дуелот меѓу Унгарија и Македонија (17:45 часот) може да се следи со директен пренос на националниот ТВ сервис.

 

Најново во Други спортови