НОВИОТ СЕЛЕКТОР НА ОДБОЈКАРИТЕ ДЕЦИДЕН

Матијашевиќ: Ако не верував во успех, немаше да бидам тука, се надевам дека ќе испишеме историја!

Машката одбојкарска сениорска репрезентација под водство на новиот селектор, Никола Матијашевиќ во Маврово ги започна подготовките за за квалификациите за Европското првенство 2019.

објавено: 21 јули 2018 - 21:45

Маврово е базата на македонската одбојкарска репрезентација, која пред себе ја има најголемата шанса за пласман на Европското првенство 2019. Нашиот најдобар национален тим, патот кон континенталното натпреварување го започна со неколку новитети. 

Селекторското место му припадна на Никола Матијашевиќ, кој од свои мотиви одлучи да ја прифати понудата на Одбојкарската федерација.  

„Соработката со Македонија ја прифатив со посебна мотивација, бидејќи како тренер можеби имам постигнато резултати, но како селектор, никогаш не сум однел една репрезентација на Европско првенство и за мене тоа е голем предизвик. Се надевам дека заедно ќе испишеме историја", потенцираше новиот селектор на одбојкарите Никола Матијашевиќ на првиот собир во Маврово.

Српскиот стратег е добро знапознат со капацитетот на нашата репрезентација, очекува добра соработка...

„Квалитетот и капацитетот на селекцијата ми е делумно познат со оглед на тоа дека ги знам Никола Ѓорѓиев, Симовски, Милков...кои играа во Франција, дел од играчите ми се познати и од дуелите со Црна Гора, кога бев нивни селектор, но има и одбојкари кои не ги знам. Поради тоа тешко е да ги кажам моите очекувања или размислувања за екипата, но едно можам да потврдам – ако не верував во успех, немаше да бидам тука. Имаме доволно време да се запознаеме меѓусебно и да се подготвиме за предизвикот кој не очекува",  дециден беше Матијашевиќ.

Во составот на македонската репрезентација во понеделник треба да се приклучат повратниците техничарот Филип Деспотовски и примачот Александар Милков.

Најново во Други спортови