МАКЕДОНСКИТЕ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ БЛЕСКААТ

Ѓоргиев доминантен, Деспотовски прв организатор

Капитенот е недостижен со 173 поени на листата, додека Деспотовски е најдобар техничар по првата фаза од квалификациите

објавено: 29 август 2018 - 19:15

Не само што се на чекор до пласман на ЕП 2019, туку македонските одбојкарски репрезентативци може да се пофалат дека блескаат и во индивидуалната статистика од квалификациите за континенталниот собир. По првата фаза од циклусот, односно одиграни четири од шест натпревари капитенот Никола Ѓоргиев доминира на листата на поентери, додека техничарот Филип Деспотовски е најдобар организатор на играта.

Ѓоргиев има 173 освоени поени во четири натпревари или 6,92 поени по сет во просек, што е и тоа како далеку пред конкуренцијата. Австрискиот репрезентативец Пол Бухегер е втор со 91 поен, додека трет на листата е Антон Кафарена од Албанија (89). Друштво на Ѓоргиев во топ-5 му прави Александар Љафтов кој е петти поентер во квалификациите со 83 поени (3,32 во просек по сет) и е само еден поен зад Камил Ричлички од Луксембург, кој е четврти. Љафтов е најдобриот наш одбојкар на листата на блокери, со 10 блока во 20 одиграни сета.

Искусниот организатор на играта Филип Деспотовски не беше прва опција за селекторот Никола Матијашевиќ, но токму тој е најдобриот техничар во овој дел од циклусот со 68,66% ефикасност, додека Ѓорги Ѓоргиев е на 18. место 38,40% ефикасност во игра.
Средниот блокер Иван Андонов, пак е најдобар сервер во нашиот тим и е на 7. место со осум ас-сервиси по четири одиграни натпревари.
Македонија е на добар пат да се најде на ЕП 2019 кое ќе биде првото на кое наместо 16 ќе настапат 24 репрезентации и ќе има четири земји организатори – Белгија, Франција, Холандија и Словенија. Во квалификацискиот циклус од 26 селекции Македонија е во друштво на најдобрите пет второпласирани екипи и е на чекор до пласман на континенталниот собир следната година.

 

Најново во Други спортови