ПРВИОТ ЧОВЕК НА ФЕДЕРАЦИЈАТА, АЛЕКСАНДАР АЦЕВСКИ

ГРСТ МЕДАЛИ ОД ЕВРОПА: Македонската џиу-џица секогаш ангажирана за победи!

Се бележат многу успеси на меѓународната сцена со бројни златни, сребрени и бронзени медали.

објавено: 18 јуни 2018 - 11:30

Последните медали доаѓаат од турнирот „Видовдан 2018" во Бања Лука, сите борци и овојпат беа на висината на задачата, со одлични борби.

Од таму злато се закитија Јаким Колевски, Дарко Стојановски, Филип Денков, Катерина Ацевска и Кире Иванов, со сребро Ева Димитрова, Данил Николиски, Стефан Донев и Зоран Колевски и бронза Станислав Грпов.

Претходно годинава на „БУДВА ОПЕН 2018" нашата земја освои 13 медали од кои три златни, потоа осум медали на „МАРИБОР ОПЕН - РОБИ РАЈХ 2018" (три златни), пет медали на „БУДИМПЕШТА ОПЕН 2018", па 11 медали на „МИМОЗА ОПЕН 2018" во Херцег Нови.

Големи достигнувања со многу труд и напор од страна на нашите натпреварувачи и нивната сериозна ангажираност при текот на самите борби.

Ексклузивно за „Спортмедиа" говореше претседателот на Македонската Џиу - Џица федерација, Александар Ацевски:

„Со оглед на тоа дека Македонската федерација е една од поновите федерации во Европа, задоволни сме од резултатите на нашите борци. Имаме одлична репрезентација која брои околу 25 борци. Во текот на годината настапуваме на околу 15 меѓународни турнири, на Балканско првенство, Европско првенство и Светски куп. Со оглед на тоа дека еден борец мора да има познавање од карате, џудо и борба во партер (Не Ваза), секој борец мора да е максимално внимателен и ангажиран во текот на борбата за да извојува победа".

Тука нема застанување, календарот продолжува, веќе се планирани нови обврски и настапи на меѓународната сцена и можности за нови успеси.

„После двата летни кампа што ја очекуваат нашата Федерација, кампот во Неи Пори - Грција и кампот во Фара - Словенија, веќе од септември нè очекува Балканското првенство и Светски Куп во Атина, Грција. Веднаш потоа следува турнирот во Сараево, потоа нашиот турнир „Скопје Опен", итн.

Запрашан колку се вложува во овој спорт, каква е релацијата на пр. со Агенцијата за млади и спорт, што му е потребно за уште повеќе да се промовира џиу-џица...

„Наше мислење е дека на овој спорт не му се придава доволно значење во овие моменти, помошта од страна на Агенцијата за млади и спорт е минимална и не може да ги покрие сите потреби на Федерацијата. Се надеваме дека наскоро овој спорт ќе стане Олимписка дисциплина, па ќе привлечеме поголемо внимание. Сепак нашиот ентузијазам и заложба е многу голема, од година во година овој спорт е се повеќе присутен помеѓу младите луѓе, нашите клубови секоја година раснат во бројот на нови членови".

Претходно Интернационалниот Олимписки комитет донесе официјална одлука каратето биде дел од следните Олимписки игри во Токио 2020 каде што може нашата земја да се надева на медал.
Верувате ли дека и џиу-џица спортот може еден ден исто така биде вклучен во иднина како олимписки спорт?

„Наше длабоко верување е дека токму во 2024 година Џиу Џицата ќе стане Олимписки спорт. Најпрво тоа ќе биде делот на Не Вазата, а потоа и делот во борбите како екипен спорт 4+2.
Инаку Џиу Џицата како спорт се работи во три дисциплини и тоа:
1. Основна дисциплина се „борби" кој опфаќаат три дела, карате, џудо и борба во партер,
2. „Не вазата" (борбата во партер) и
3. Самоодбраната која преку „Дуо Системот" повторно е натпреварувачка дисциплина каде што се оценува брзината и точноста на изработената техника како и завршната контрола".

Најново во Други спортови