ОДБЛИСКУ СО НОВОТО ЗАСИЛУВАЊЕ НА ЕВЕРТОН РИЧАРЛИСОН

Постојано на погрешно место во погрешно време

Неколку пати се наоѓал во опасни ситуации поради кои можел да го загуби животот

објавено: 27 јули 2018 - 13:21

Му бил вперен пиштол во главата мислејќи дека е дилер на дрога, продавал лижавчиња, перел коли, но никогаш не заборавил на фудбалската топка. Сакал да игра фудбал... Бил одбиен од Фигуеренсе, но не и од Атлетико Минеиро..

Младиот напаѓач, Ричарлисон, се до трансферот во Евертон не беше популарно име на фудбалската мапа. Кариерата ја започна во родниот Бразил, во тимот на Атлетико Минеиро. Продолжи во Флуминенсе, за потоа својот потенциал да го покаже во Европа. Се пресели во англиската Премиер лига во тимот на Ватфорд. Одигра 38 натпревари, постигна пет гола и веднаш беше забележан од ,,карамелите''.

Евертон за услугите на Ричарлисон, искешира неверојатни 45 милиони евра, што е навистина премногу за фудбалер којшто се уште вистински не се покажал и докажал на фудбалските терени.

Ричарлисон потекнува од Бразил, а како и многумина фудбалери од земјите во Јужна Америка немал детсво кое ќе го памети по добро. Во земји како Бразил, Аргентина, Перу и останатите држави од ова подрачје, голем замав имаат земено криминалните групации. Па токму во една случка младиот напаѓач за малку ќе загинел. Во интервју за „Фор фор ту" бразилскиот фудбалер ги објаснува животните случки.

„Можев да загинам неколку пати затоа што се наоѓав на погрешно место во погрешно време. Еднаш еден тип ми впери пиштол во главата. Мислеше дека сум дилер на дрога кој се обидува да му ја украде пратката. Се исплашив. Си помислив: ако го повлече шкрапалото, готов сум. За среќа преживеав и продолжив", вели Ричарлисон кој цело време бил изложуван на притисок да влезе меѓу криминалните подземја.

„Таму кадешто живеев имаше многу луѓе коишто користеа дрога и оружје. Бев под притисок и јас да го правам тоа, но мојата совест не ми дозволуваше. Многу пријатели загубив поради конзумирање на дрога, многу од нив се и во затвор. Јас се уште комунцирам со нив, но сепак среќен сум што не тргнав по нивниот пат. Имав голема поддршка од мојот брат и тренерите во моето фудбалско училиште, тие ме однесоа на правиот пат'' ја завршува својата приказна Ричарлисон.

Најново во Другата страна на спортот