ДЕН ЗА РАДОСТ ВО МИНХЕН

Двајца татковци од репрезентацијата ќе играат за своите ќерки

Судбината посака во ист ден за време на обврските кон националниот тим капитенот Кирил Лазаров и Гоце Георгиевски да станат татковци.

објавено: 16 јануари 2019 - 13:07

Спортмедиа во Минхен, Марија Ковачева

Денот во Минхен не можеше да почне поубаво. По сонцето кое конечно блесна, Гоце Гоергиевски на својот „Фејсбук“ профил сподели радосна вест, стана татко по вторпат, неговата сопруга му подари ќеркичка. 

„Уште еден посебен ден за мене, измешан со многу чувства и емоции. Ти благодарам Симина Георгиевски што овој ден го направи посебен за нас, да ни е жива и здрава ќерката“, пиша Гоце, кој во бракот со Симона има еден син.

Но, репрезентативното крило не е единствениот играч од нашиот табор кој денеска има причина за славење. Тука е капитенот, Кирил Лазаров, тој пак го прославува роденденот на неговата ќерка Лана.

Судбината посака во ист ден за време на обврските кон националниот тим овие двајца ракометари да станат татковци. Кога се роди Лана, Лазаров беше во Скопје, Македонија следниот ден играше квалификации со Португалија за Светското првенство во Хрватска 2009 година. Кире остана со тимот, Лана ја виде по завршувањето на квалификациите. 

Капитенот беше максимално мотивиран, мечот го заврши со 14 погодоци, а Македонија славеше со 38-31.

Двајцата репрезентативци денеска ќе играат за своите ќерки, а според партијата на Кире пред 11 години, сигурни сме дека на теренот ќе „летаат“. 

Посакуваме денот да заврши уште посензационално, да се впишеме како едно од најголемите изненадувања на во групната фаза на ова Светско првенство, вечерва (20:30 часот) да ја изненадиме моќната Шпанија и сите заедно да прославиме. 

Најново во Другата страна на спортот